Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска одржа координативна средба со Заменик Претседателот на Владата на Република Македонија и претседавач со Националниот совет за одржлив развој, г. Владимир Пешевски, на која учествуваа и Националните координатори за климатски промени и за одржлив развој на Република Македонија и претставници од Министерството за надворешни работи.
На средбата беа разменети мислења за значењето што Парискиот договор за климатски промени го има за Република Македонија и влијанието што неговата имплементација ќе ја има врз економијата, енергетскиот сектор, транспортот и индустријата во земјата. Република Македонија беше една од 195-те држави кои во ноември 2015 го усвои овој прв универзален и правно-обврзувачки договор што треба да стапи на сила во 2020 година. На 22 април 2016 година, Амбасадорот на Република Македонија при Обединетите нации го потпиша Договорот од Париз во име на Владата на Република Македонија.
На средбата беше оценето дека со потпишувањето на Парискиот договор во Њујорк, Република Македонија ја покажа својата заложба за приклучување кон светските напори за намалување на климатските промени. На средбата претседателот Иванов ја истакна потребата од ратификација на договорот за климатски промени, по конституирањето на новиот состав на Собранието на Република Македонија.
„По усвојувањето на историскиот климатски договор од Париз минатата година и свеченото пристапување кон договорот во Њујорк, неопходни се одлучни чекори и мерки за исполнување на неговите одредби”, рече претседателот Иванов на средбата.
Соговорниците разменија мислења за можностите за искористување на средства од фондовите за прилагодување и имплементација на обврските што произлегуваат од договорот за климатски промени.
Координативната средба е во пресрет на учеството на претседателот Иванов на Самитот за климатски промени COP22, што во ноември ќе се одржи во Маракеш, Кралството Мароко.