Активности на ЈП „Охридски Комуналец”

Изминативе денови екипите на ЈП „Охридски Комуналец” се ангажирани на отстранување на летната цветна реколта на садници која ќе биде заменета со зимска од видот „виола” (очиња), кои се од сопствено производство на претпријатието и се предвидени да го украсуваат градот се до пролетта.

Покрај овие активности, екипите беа ангажирани на расчистување на просторот под црквата Св. Богородица Перивлепта (св. Климент) во стариот дел од градот, каде што беше отстранета вегетацијата на бршлен и трње.

Како дел од редовните активности овие денови е и расчистувањето на улиците и јавните површини во градот од интензивното паѓање на лисјата, кои се собираат и се транспортираат во расадникот каде се користат како суровина во фазата на компостирање.