Средба Николиќ-Иванов: Преку дијалог да ја унапредуваме соработката во сите области

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов од денеска престојува во тридневна работна посета на Белград и Панчево по повод одбележувањето на јубилејот „70 години од доселувањето на Македонците во Војводина”.

Македонија и Србија во изминатите 20 години од воспоставувањето на дипломатските односи, успеаја да изградат искрени пријателски односи и континуриан и одличен политички дијалог, како и заеднички интерес и обострани заложби да ја унапредиме соработката во сите области, истакна претседателот Иванов по денешната средба со претседателот на Република Србија Томислав Николиќ.

Српскиот претседател истакна дека на средбата со претседателот Иванов констатирале дека политичките односи меѓу Србија и Македонија се многу добри и дека во овој период, преполн со различни предизвици, покажале дека преку соработка и разговор може да се спречат и да се надминат сите тешкотии.

Претседателите Иванов и Николиќ на средбата повторно го покренале прашањето за склучување билатерален договор за заштита и користење на културно-историските споменици и обележја на териториите на двете држави. Иванов, како што кажа, смета дека склучувањето на ваков договор ќе биде од заемен интерес и очекува двете влади неодложно да почнат да работат и да формираат работни групи со цел негово усогласување.

На регионот, каде има премногу историја, според македонскиот претседател, му треба заемно почитување, дијалог и проактивност. „ Треба да се насочиме кон иднината, без разлика што имаме отворени и различни позиции по некои прашања”, рече претседателот Иванов.

Двајцата претседатели разговараа и за последните случувања во регионот, за мигрантската криза, за заедничките безбедносни предизвици, како и за европските перспективи на двете земји.

Претседателот Иванов најави иницијатива за оживување на проектот Дунав-Морава-Вардар, за што е заинтересирана и соседна Грција.

Претседателот Николиќ, пак, изјави дека од македонскиот претседател побарал Македонија принципелно да ја поддржи Србија со гласање против членство на Косово во УНЕСКО.

Македонскиот претседател во Белград ќе се сретне и со српскиот премиер Александар Вучиќ.

Во рамки на работната посета доцна попладнево ќе биде одржан македонско-српски бизнис форум на кој ќе учествуваат дваесетина македонски компании од фармацевтската, прехранбената, металната, градежната индустрија, како и од областа на информатичките технологии, графичките дејности и транспортните услуги. На отворањето на бизнис форумот во Белград, ќе се обратат претседателите Иванов и Николиќ, како и претседателите на Стопанските комори на Македонија и на Србија.

Во рамки на централната прослава по повод одбележувањето на големиот јубилеј „70 години од доселувањето на Македонците во Војводина”, во недела во Панчево, ќе биде одржана Свечена академија, на која обраќања ќе имаат двајцата претседатели Иванов и Николиќ.