Денес во просториите на Агенцијата зa млади и спорт, Директорот Марјан Спасески организираше прием за македонската таеквондо репрезентација која на неодамна завршениот по ранг највисок турнир во Олимписко таеквондо, еден од трите најсилни турнири во Eвропа со ранг Г1 освои историско ЗЛАТО и историско СРЕБРО за Република Македонија.
Натпреварувачите Дејан Георгиевски (Јуниори) во категорија +78 кг освои ЗЛАТЕН Медал со три победи, сите три со технички нокаут и Филип Додевски (Јуниори) во категорија -74 со три победи до СРЕБРЕН Медал.
„Ја користам оваа прилика уште еднаш да им честитам на репрезентативците за големиот успех и им порачувам да продолжат со вакви настапи и да ја радуваат македонската спортска јавност“, – изјави директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески и истакна дека резултатите на нашите натпреварувачи покажуваат и докажуваат дека таеквондото во нашата земја е во голем подем и допрва ќе очекуваме уште поголеми резултати на меѓународната спортска сцена, од страна на нашите репрезентативци.
Спасески дополни дека Агенцијата за млади и спорт во континуитет дава поддршка на Таеквондо федерацијата на Македонија, а годинава за меѓународната програма, односно за настапите на нашите репрезентативци на меѓународните натпреварувања и за стручната работа на тренерите се доделени вкупно 750.000 денари.
„Дополнително, за реализација на проектот „Таеквондо за секого“ и годинава обезбедивме 40.000 денари“. – заврши Спасески.