АХВ направи вонредна контрола кај производителот на безалкохолниот пијалок

Инспекциски служби на Агенцијата за храна и ветеринарство во текот на вчерашниот ден направија вонредна, дополнителна контрола кај операторот со храна производител на безалкохолниот пијалок кој во јавноста беше посочен како причина за наводно труење со храна на три малолетни лица во скопската населба Радишани. Извршена е контрола на HACCP планот кој го спроведува производителот, проверени се лабораториските анализи кои согласно HACCP планот има обврска да ги прави, при што не се констатирани недоследности. Пијалакот согласно важечките правила е соодветно означен.

Во конкретниов случај не станува збор за небезбеден производ, ниту за труење со храна, туку за непочитување на означувањето од страна на лицата кои го консумирале безалкохолниот пијалок. Причината, децата да се најдат во таква состојба е поради непочитување на предупредувањето кое е назначено во означувањето дека пијалакот не смее да го пијат лица под 18 години.

Во рамки на редовните инспекциски контроли Агенцијата кај овој оператор изврши контрола пред два месеца. И тогаш не биле констатирани недоследности во работењето, ниту отстапки во поглед на безбедноста.