Јубилеј 65 години од раѓање и 35 години архиерејско служење во МПЦ-ОА на Митрополитот Тимотеј

Во катедралната црква „Света Софија“ – Охрид се одржа прослава по повод 65 години од раѓање и 35 години архиерејско служење во МПЦ-ОА на Митрополитот Тимотеј.

Прославата на овој голем Јубилеј 65 години од раѓањето и 35 години архиерејско служење на Митрополитот Тимотеј во Македонската православна црква – Охридска архиепископија, започна ден претходно со свечена воскресна Вечерна богослужба, во катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на протоерејот Никола Христоски, свештениците Кирил Јованоски, Ромео Петрески, Сашо Ристески, Горан Ставрески, Ѓорѓи Блажевски, Љупчо Бакрачески и Роберт Илијевски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконите Сашо Целески и Христијан Костоски.

Торжествата по повод овој голем Јубилеј продолжија на 06.11.2016 година, во катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид, каде беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на Митрополитите Петар, Наум, Агатангел, Пимен, Иларион, Јосиф и Јосиф, епископот Климент, архимандритите Нектариј и Партениј, протоереј-ставрофор Сашо Богданоски, протоереите Димче Ѓорѓиески, Стевчо Тошевски, Никола Христоски и Игор Никовски, свештениците Васко Голабоски, Љупчо Симиџиески, Димче Азески, Владо Недески и Александар Матески, протоѓаконите Ратомир Грозданоски, Саше Ристов и Николче Ѓурѓиноски, ѓаконите Дејан Борисов, Сашо Целески, Васил Ристовски и Христијан Костоски и ероѓаконот Анатолиј. По завршувањето на богослужбата, Митрополитот Струмички г. Наум се обрати кон мноштвото верни и кон Митрополитот Тимотеј со свечено слово.

На овој голем Јубилеј, беа промовирани петте тома од книгата „Охридски источник“, кои претставуваат собрани беседи од Митрополитот Тимотеј, изговорени на многу празници, воскресни Литургии, осветувања, настани. Промотори на ова колосално дело беа Митрополитот Кумановско-осоговски д-р Јосиф и професор д-р Ратомир Грозданоски, протоѓакон. Двајцата беа согласни дека низ беседите провејува Евангелскиот дух, кој ги води верните на правиот пат на спасението. Искажани на разбирлив јазик, беседите на Митрополитот Тимотеј претставуваат духовна храна, од која мнозина се нахраниле. Промоторите искажаа и благодарност за неговиот труд, кој треба да биде пример за сите во Црквата.

На крајот од овој голем ден, Митрополитот Тимотеј прими и пригодни подароци од своите браќа архиереи, од своите свештеници и монаси во Дебарско-кичевската епархија, од Комисијата за односи со верските заедници во РМ, како и од многу други негови почитувачи, пријатели и сотрудбеници.