Одбележани 110 години од раѓањето на генералот Михаило

Со пригодна свеченост во Домот на Армијата на Република Македонија – Скопје, денес се одбележа јубилејот 110 години од раѓањето на македонскиот воен теоретичар, народен херој, академик, научник, историчар, лидер и командант, генералот Михаило Апостолски.

Пред присутните гости прв се обрати деканот на Воената академија, полковник Орце Поповски кој истакна дека се чествува двоен јубилеј: 110 години од раѓањето на генералот Михаило Апостолски и 20 години како Воената академија го носи неговото име. Полковникот Поповски во своето обраќање со осврна на значењето на Воената академија како високо образовна институција која од нејзиното формирање до денес произвела многу искусни кадри кои денес се на важни позиции во служба на Армијата, на Министерството за внатрешни работи, на Центарот за управување со кризи, на Дирекцијата за заштита и спасување и други државни институции давајки придонес во развојот на средината во која работат.

dsc_2269_resize

„Ако денес генералот Апостолски беше меѓу нас, тој ќе се гордееше со Воената академија, која претставува значајна воена високо образовна и научно истражувачка институција, која создава сестрано образувани кадри, силни и цврсти морални личности и примери за углед“ – рече полковникот Поповски.

Генералот во пензија, Борис Стојановски и вд претседателот на Сојузот на борците на Македонија, Верка Бунтеска во своите говори се осврнаа на големината и значењето на легендарниот командант и стратег на македонската народно ослободителна војска, генерал Михаило Апостолски, за неговата посветеност и борба за слобода, борбата за опстанок, борба за социјална и национална слобода, борба за победа над фашизмот, кои денес се пример за помладите генерации.

dsc_2236_resize

Во знак на денешниот јубилеј, деканот на Воената академија доделени плакети за соработка на началникот на ГШ на АРМ, на Сојузот на борците, на здружението на пензионирани генерали, и на Националната установа, Ансамблот за народни игри и песни на Македонија, „Танец“.

Самиот крај на свеченоста беше одбележан со настап на Воениот оркестар на АРМ и Ансамблот за народни игри и песни на Македонија, „Танец“ со изведба на орото „Тешкото“.

На денешната свеченост присуствуваа високи претставници од Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија, питомци од Воената академија, претставници од другите државни институции, академици, претставници од Сојузот на борци и др.

dsc_2429_resize