Откриени измами и мигранти, запленети девизи, алкохолни пијалоци, фалсификати и друго

Во текот на минатата недела, царинските службеници открија три измами, еден обид за нелегален влез на патници и повеќе обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани девизи, алкохолни пијалоци, облека, техничка стока, стаклени чаши и фалсификати.

Задржана е следната стока:

Девизи

– 15.500 евра, откриени во три одвоени случаи, при контрола на три патнички возила, пријавени за излез од државата, на граничниот премин Богородица.

Во првиот случај, при контрола на полски автомобил, управуван од полски државјанин, во рачна ташна сместена на совозачкото седиште, биле пронајдени 18.500 евра, за кои не поседувал документ за потекло и потврда за пријавени готови пари на влез во Република Македонија. Согласно законските прописи, на патникот му биле вратени 10.000 евра, износ што нерезидент може слободно да го изнесе од државата, а 8.500 евра биле привремено задржани.

Во вториот случај, при личен претрес на двајца македонски државјани кои патувале со македонски автомобил, во преден џеб од јакната на сопатникот во возилото биле пронајдени 6.000 евра, за кои не поседувал документ за потекло. Согласно законските прописи, на патникот му биле вратени 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата, а 4.000 евра биле привремено задржани.

Во третиот случај, при личен претрес на македонски државјанин, кој управувал македонски автомобил, во паричник сместен во заден џеб од неговите панталони, биле пронајдени 5.000 евра за кои не поседувал документ за потекло. Согласно законските прописи, на патникот му биле вратени 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата, а 3.000 евра биле привремено задржани.

Во сите три случаи, против патниците се поднесени барања за поведување прекршочни постапки.
– 3.500 евра, откриени при личен претрес на македонски државјанин кој управувајќи македонски автомобил се пријавил за излез од државата на граничниот премин Табановце автопат. Во внатрешен џеб од јакната на возачот биле пронајдени 5.500 евра, за кои не поседувал документ за потекло. Согласно законските прописи, на патникот му биле вратени 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата, а за сторениот прекршок е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

Алкохолни пијалаци, облека, техничка стока и чаши

– 14,5 литри разни алкохолни пијалаци (Jim Beam од 0,7 л, Јohnnie Walker Red label од 0,7 л, Gorbatschow од 0,7 л, Three Sixty од 0,7 л, Jegermeifter Winterkrauter од 0.7 л и други), откриени при контрола на автомобил со привремени германски таблички, управуван од албански државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените пијалаци, пронајдени во куфер, сместен во багажникот на возилото се привремено задржани, а против возачот е поведена соодветна постапка.

– 241 парчиња облека за деца и возрасни (елеци, кошули, блузи, долни тренерки и дуксери), откриени при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Дојран. Непријавените производи, пронајдени во повеќе кеси сместени под седиштата, под патосниците и во багажниот простор, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поднесена соодветна пријава.

– 3 засилувачи на звук, од марките Mesa- Boogie Five -Band Graphic, Mesa -Flux –Five и Ampli Fire –Atomic, откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на патниот куфер на македонски државјанин кој допатувал со лет од Истанбул. Непријавените производи се привремено задржани, а против патникот ќе биде поведена прекршочна постапка.

– 360 стаклени чаши, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, извршена во близина на влезот во Струга. Во багажникот и на задното седиште на возилото биле пронајдени вкупно 60 кутии со стаклени чаши за кои возачот не поседувал документи за потекло и платени увозни давачки, поради што истите се привремено задржани, а против возачот е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост

– 445 долни тренерки со ознаки на заштитени трговски марки, откриени при контрола на турски камион натоварен со стока со потекло од Турција, наменета за увозник од Косово, пријавен за влез во државата на граничниот премин Дојран.

– 332 пара обувки (детски топлинки и папучи за возрасни) со ознаки на заштитени трговски марки, откриени при контрола на стока со потекло од Италија, наменета за увозник од Скопје, пријавена за увозно царинење во царинската испостава Скопје 1.

Во двата случаи, поради сомневање дека се повредени права од интелектуална сопственост, производите се привремено задржани и согласно законските прописи ќе бидат поведени постапки за утврдување на нивната оригиналност.

Измама

Во царинските испостави Табановце автопат – отсек за стоково царинење и Деве Баир – отсек за стоково царинење се откриени по еден обид за избегнување плаќање на увозни давачки со погрешно декларирање на вредноста на стоката.

Во првиот случај, увозник од Скопје, со две царински декларации во царинската испостава Табановце автопат – отсек за стоково царинење, пријавил за увозно царинење мандарини, со потекло од Хрватска. Поради сомневање дека декларираната царинска вредност на стоката е нереално ниска, била извршена проверка во базата за царинска вредност на Царинската управа, од каде било утврдено дека идентична стока во приближно исто време била увезена по повисока вредност од декларираната, врз основа на што се изготвени два записници за царинска вредност и пресметани се дополнителни увозни давачки во вкупен износ од околу 34 илјади денари.

Во вториот случај, во царинската испостава Деве Баир – отсек за стоково царинење, увозник од Скопје пријавил за увозно царинење 23.240 кг средства за перење, средства за миење садови и омекнувачи со ознаки на заштитени трговски марки. Нереално ниската декларирана вредност на производите, била причина царинските службеници да се посомневаат дека се работи за фалсификати на заштитени трговски марки поради што истите биле привремено задржани и била поведена постапка за утврдување на нивната оригиналност. Откако било добиено известување дека производите се оригинални, бил изготвен записник за утврдување на царинската вредност и биле пресметани дополнителни увозни давачи во износ од околу 140 илјади денари.

Во царинската испостава Скопје 1 е откриен обид за избегнување на плаќање на увозни давачки со погрешно тарифирање на стока.

Увозник од Скопје пријавил за увозно царинење моторно возило декларирано во тарифна ознака за товарно возило. При извршена контрола на документите и физички преглед на возилото, било утврдено дека истото треба да се распореди во тарифна ознака за патничко (вклучувајќи и комбинирано) моторно возило. Врз основа на новоутврдената тарифна ознака, пресметани се дополнителни увозни давачки во износ од околу 20 илјади денари.

Мигранти

Во текот на минатата недела, на железничката станица Гевгелија е откриен еден обид за нелегален влез на патници во државата. При контрола на товарен воз со празни вагони, пријавен за влез во државата, биле откриени 5 илегални мигранти со потекло од Сирија, Алжир и Мароко. Мигрантите се предадени на полициската служба од железничката станица, за понатамошна постапка.