Претседателот Иванов со честитка по повод изборот на Претседател на САД

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка до г. Доналд Трамп, по повод изборот за Претседател на Соединетите Американски Држави.

„Почитуван господине Трамп,

Дозволете ми, од името на граѓаните на Република Македонија и од свое име, да Ви упатам срдечни честитки по повод Вашиот избор за Претседател на Соединетите Американски Држави, како и да Ви посакам успех во извршувањето на одговорната функција.

Република Македонија придава исклучително значење на стратегиското партнерство со Соединетите Американски Држави, а заложбата за негово натамошно зацврстување претставува посебен интерес за Република Македонија и за нејзините граѓани.

Вие застанувате на чело на Вашата држава во време на безбедносни бури, глобални предизвици и непоредок. Овие предизвици неминовно се рефлектираат и на државите од регионот на Југоисточна Европа, вклучително и Република Македонија. Во нашите 25 години независност и сувереност, Република Македонија долго време се соочува со неправедна и непринципиелна блокада на нашиот европски и евроатлантски пат. И како што на светот му треба поредок, така нам ни треба консолидирање на мирот, поголема стабилност, безбедност и демократија во регионот. За постигнување на овие цели потребна е интеграција на Република Македонија и целиот регион во НАТО и во Европската Унија, но и почитување на меѓународното право. За постигнување на овие цели посебно значајна е поддршката од САД.

Длабоко сум уверен дека Соединетите Американски Држави под Ваше лидерство, ќе ни помогнат во исполнување на овие највисоки стратешки цели. Уверен сум дека во периодот што следи нашето стратегиско партнерство ќе биде унапредено и збогатено, за што уште еднаш Ви ја искажувам нашата целосна подготвеност.

Сакам да Ве уверам дека Република Македонија, како докажан пријател и партнер на Вашата голема нација, ќе продолжи да ги поддржува американските и глобалните напори за мир, стабилност и безбедност, втемелени на потребата за правда, почитување на меѓународното право, на слободата и човечкото достоинство во светот.

Со искрени желби за Ваша натамошна успешна работа, лична среќа и добро здравје, Ви ги упатувам, изразите на моето највисоко почитување.“– стои во честитката.