Доделено признанието „Повелба на Република Македонија”

Обраќање на претседателот Иванов на церемонијата за доделување на признанието „Повелба на Република Македонија” на Асоцијацијата на здруженија на инженери – Инженерска институција на Македонија

„Како и речиси секоја човекова творба и креација, и науката е вредносно неутрална. Но, целите за кои се користи науката, најчесто не се вредносно неутрални. Сведоци сме дека науката и технологијата можат да се користат за градење мир, развој и благосостојба, но и да се злоупотребат за разградување на општествените и на еколошките системи. За унапредување на квалитетот на животот, но и за уништување на животната средина.

Денес, кога светот го одбележува Меѓународниот ден на науката посветена на мирот и развојот, ние во Република Македонија имаме можност да се потсетиме на македонскиот придонес кон овие универзални благородни цели.

Оваа 2016 година во која славиме четврт век од независноста на Република Македонија е збогатена со многу јубилеи. Еден од нив е и 70-годишнината од воспоставувањето на Инженерската институција на Македонија.

Дозволете да ја искористам оваа пригода да им се заблагодарам на сите поранешни и сегашни генерации членови на Инженерската институција. Сите тие со својот ангажман во своите професионални средини имаат придонесено за наш подобар живот. Сите се заслужни за подобрување на благосостојбата на нашата заедница, за досегашниот просперитет на нашата држава. Затоа, како претседател на Република Македонија, ми претставува чест, во името на македонските граѓани симболично да ѝ се заблагодарам на Инженерската институција на Македонија со Повелбата на Република Македонија.

Но, истовремено, оваа повелба претставува и обврска. Во изминатиот четврт век, светот постигна досега незабележан технолошки напредок и развој.

Нема ден, а да не дознаеме за некое ново научно откритие. Колку подлабоко навлегуваме во новата епоха на нови пронајдоци, но и на нови предизвици, толку повеќе се зголемува и потребата за компетентен и компетитивен научен кадар.Не е доволно Македонија да биде само корисник на научните пронајдоци и техничките решенија од светот. За да можеме да обезбедиме раст на нашата економија и напредок на нашето општество, потребно е и ние да сме дел од тие решенија.

Олеснителна околност е што не започнуваме од нула. Во изминатите седум децении, Инженерската институција на Македонија заедно со другите научно-образовни и истражувачки институции ги постави темелите врз кои денес ја градиме оваа визија. И веќе ги гледаме првите плодови. Ќе ви дадам само два примера.

Како претседател на Република Македонија, секоја година ја имам честа да им врачам инженерски прстени на најдобрите студенти од техничките факултети.

Со тој чин симболично ги внесувам и поврзувам со нивниот научен и инженерски повик. Воедно, веќе шест години по ред, ја доделувам наградата „Најдобар млад научник” на млади луѓе кои се занимаваат со наука и со научни истражувања. Млади луѓе кои веќе постигнале конкретен резултат во нивната област.

Овие млади научници и инженери не се само идни членови на Инженерската институција на Македонија. Тие се и идните градители на напредокот и на благосостојбата на Македонија.

Но, не смееме да се задоволиме само со ова. Доколку сакаме да држиме чекор со светските развојни трендови и да станеме генератор на образовна и креативна научна и инженерска сила, ние мора уште повеќе да ги поттикнуваме и да ги охрабруваме студентите и младите научници од различни научни сфери. Мора да направиме сè, младите научници и инженери да ги заземат своите места во образованието, институциите, компаниите.
Мора да им помогнеме да се вклучат во највозбудливата епоха на развој, иновативни пронајдоци и креативни решенија.

Верувам дека Повелбата на Република Македонија ќе биде мотив повеќе за натамошно успешно творење во своите области на сите членови на Асоцијацијата. Верувам дека ќе биде и импулс за натамошен развој и афирмација на македонското инженерство и, воопшто, македонската наука.“– рече Иванов.

inzineri_2