Плевнелиев и Борисов побараа од Трамп да ги укине визите за Бугарите

Во своите честитки до новоизбраниот претседател на САД и бугарскиот претседател Росен Плевнелиев и премиерот Бојко Борисов побараа од Доналд Трамп за време на својот мандат да ги укине визите за граѓаните на Бугарија.

Премиерот Борисов официјално му ја честиташе победата на Трамп и му посака нему и на американскиот народ здравје и благосостојба, соопштија од прес-службата на кабинетот на бугарскиот премиер.

„Исклучително го ценам високото ниво на пријателство и стратегиско партнерство меѓу нашите две земји. Искрено верувам дека за време на Вашиот мандат Бугарија и САД ќе продолжат да го надградуваат постигнатото“, се нагласува во телеграмата со честитки од Борисов.

Премиерот Борисов особено ја истакна одличната соработка меѓу Бугарија и САД во областа на одбраната, борбата со тероризмот и организираниот криминал во драматично променета безбедноста состојба во светот. Тој ја изрази својата благодарност за помошта на САД во модернизацијата на бугарските вооружени сили.

„Истовремено сум убеден дека ќе можеме да направиме уште многу за проширување на присуството на американските бизниси во Бугарија. Се надевам на напредок во дијалогот за укинување на визните ограничувања за САД, што ќе овозможи зголемување на директните контакти меѓу граѓаните на двете земји“, посочи Борисов.

Бугарскиот претседател Росен Плевнелиев во својата честитка до Трамп истакна дека Бугарија и САД имаат заедничка перцепција и блиски оценки за најважните светски прашања. Тој исто така го постави прашањето за укинувањето на визите за бугарските граѓани, како главна тема во дијалогот меѓу Бугарија и САД во иднина.

„Се надевам дека динамиката на нашата соработка ќе добие соодветен израз и во проширувањето на можностите за блиски конкатки меѓу граѓаните на двете земји и во напредок во дијалогот за укинување на визните ограничувања за бугарските граѓани кои патуваат во САД“, истакна Плевнелиев.

Извор: meta.mk