Потпишан планот за билатерална воена соработка меѓу Македонија и Грција

Делегација од Министерството за одбрана предводена од државниот секретар Елизабета Чуповска Ристова вчера во Атина имаше средба со ЗНГШ на грчките вооружени сили, генерал-потполковник Георгиос Параскопулос, во рамки на редовните годишни билатерални консултации од областа на одбраната.

За време на консултациите се разговараше на повеќе теми од заеднички интерес, реализираните активности во 2016 година и планираните активности за 2017 година, во насока на унапредување на билатералната соработка од областа на одбраната меѓу двете земји. Во тој контекст беа презентирани капацитетите на Регионалниот центар за обука за односи со јавноста (РЦОЈ) и беше предложено продлабочување на воспоставената соработка меѓу нашиот Центар и Центарот за обука за мировни операции во Кукуш, Грција. Во насока на конечно имплементирање на Програмата за размена на податоци за ситуацијата во воздушниот простор (ASDE) грчката страна изрази спремност за обезбедување на стручни обуки за персоналот на АРМ. Дополнително на состанокот се разговараше и за актуелни прашања од областа на безбедноста на регионот и пошироко.

Истакнувајќи ја политичката волја за продолжување на успешната соработка, како и за продлабочување на билатералната соработка во областа на одбраната, шефовите на двете делегации го потпишаа Планот за билатерална воена соработка меѓу Република Македонија и Грција за 2017 година.