Монографија за резултатите од истражувањата на Скопската тврдина Кале

Монографијата содржи факти кои говорат дека на Скопската тврдина од петтиот милениум пред нашата ера до денес, со исклучок на периодот на римското владеење на овие простори, егзистирале десет населби. Митревски во книгата во детали елаборира пет од нив: првата, иницијална, од енеолитот, преку втората и третата населба кои го покриваат периодот на раната и средната бронзена доба …

„Скопската тврдина Кале од праисторија до раната антика“ е насловена монографијата за овој значаен археолошки локалитет во главниот град, која содржи научни резултати од десетгодишните интензивни и систематски истражувања на тимот предводен од проф. Драги Митревски, кој е и автор на изданието. Објавена е двојазично, македонски и англиски, од „ПНВ публикации“ со финансиска поддршка од Министерството за култура.

Монографијата содржи факти кои говорат дека на Скопската тврдина од петтиот милениум пред нашата ера до денес, со исклучок на периодот на римското владеење на овие простори, егзистирале десет населби. Митревски во книгата во детали елаборира пет од нив: првата, иницијална, од енеолитот, преку втората и третата населба кои го покриваат периодот на раната и средната бронзена доба, четвртата или населба од преодниот период на бронзеното во железното време и петтата населба од периодот на раната антика.

„Секој наод и културна појава откриена во тие населби е во целост определена и соодветно презентирана во монографијата на проф. Митревски, со што е извршено целосно вреднување на најстарата историја на Скопското Кале“ – истакна министерката Елизабета Канческа-Милевска на денешната промоција, уверена дека монографијата ќе биде клучна литература за сите што сакаат да се запознаат со минатото на Скопје.

Таа нагласи дека овој локалитет е незаобиколив пункт во познавањето на балканската праисторија, средновековието и отоманскиот период и затоа неговата соодветна заштита и промоција биле еден од приоритетите на Владата на РМ, така што во 2007 година започнале ископувањата на целокупниот внатрешен простор на Калето од над 18 000 квадратни метри. Континуираната егзистенција на тој простор ја потврдуваат и над 13 000 пронајдени артефакти кои, како што рече министерката, ќе бидат изложени во новоизградените музеи на Калето (на предисторијата и на отоманскиот период) и во Музејот на средниот век кој се гради.

Монографијата на Митревски, која е илустрирана и со голем број фотографии од фазите на ископувањата и со археолошки планови и прикази, ја промовираше и академик Вера Битракова-Грозданова, која била професорка на авторот. Таа го пофали неговиот потфат затоа што Митревски открил новини за Скопското Кале и ги ревидирал слабостите на постари истражувачи. Според неа, Скопската тврдина е сложен локалитет со стратешка позиција кој побудувал интерес за временско дефинирање што резултирало со многу претпоставки.

„Знаејќи ја неговата научна посветеност и страста од истражувањата на други локалитети, само проф. Митревски може да реши еден ваков сложен археолошки локалитет… Секогаш мислев дека Митревски има голем талент да ги синтетизира своите согледби, и тоа се случува тука – ни дава јасна слика за живеењето на овие простори каде што сме доаѓале на прошетка да ја погледнеме панорамата на Скопје, без да знаеме колку прапрапредци престојувале тука. Со својата прецизност и професионална теренска сигурност ја дефинира хронологијата на опстојување на градот издвојувајќи десет фази или хоризонти на населбите, често подигнати една врз друга“ – рече академик Битракова-Грозданова, додавајќи дека монографијата ќе биде неодминливо дело кога ќе се пишува историјата на Скопје.

Авторот Митревски рече дека има многу луѓе на кои им должи благодарност за појавата на ова дело, но, пред се, на Паско Кузман кој му ја дал идејата да ги преземе ископувањата на Калето. Идејата почна да се реализира од 2007 година кога истражувањето на овој локалитет беше прв капитален проект на Владата во областа на археологијата, а богатите наоди на крајот на таа година беа презентирани на годишната археолошка изложба во Музејот на Град Скопје.

„Се виде дека тоа дава резултати и следната година продолжија капиталните проекти… Што би била Атина ако Акропол по сите рушења го остават да зарасне во трева и да служи само како обична ливада. Дали Атина ќе беше само Атина без Акропол, дали Белград ќе беше Белград без Калемегдан? Требаше да поминат 50 години за да дојде некој да ја разбере потребата од истражувања на Калето, безрезервно да застане зад тоа и ние да можеме да работиме горе, некогаш дури и со 500 луѓе. Убеден сум дека еден ден некое Јапонче ќе ја држи книгата во раце и ќе оди во музејот да ги гледа тие работи што ги има во книгата. Тоа е тоа што го посакувам“ – рече Митревски.

kale_2