СВР Скопје – две кривични пријави за насилство

СВР Скопје до надлежното Основно jавно обвинителство – Скопје поднесе две кривични пријави за сторени две кривични дела – “насилство“ предвидено и казниво по член 386 од КЗ на РМ, при што кривично пријавени се лицата Б.Л. (20) од Скопје којшто е сторител во двете кривични дела и Д.П. (19) од Скопје кој заедно со првопријавениот учествувал во едно од кривичните дела. За сторените кривични дела од страна на Судија на претходна постапка на Б.Л. одредена му е мерка притвор во траење од осум дена.

Имено, во првиот случај пријавените Б.Л и Д.П. извршиле насилство врз лицата Ж.Т. (19) и А.С. (17) двајцата од Скопје, на ул„1596“ поточно на паркинг во населбата Ѓорче Петров. Пријавените со моторно возило го попречиле патот на возилото во кое се превезувале оштетените кои биле заедно со уште три лица кои пак сакале да го напуштат местото на настанот.

Најпрво првопријавениот дошол до возилото и ја отворил вратата од страна на совозачот каде седел А.С. и го удрил со тупаница во пределот на вратот, а потоа и насилно го извлекол од возилото и со рака го удрил неколку пати во пределот на стомакот. Подоцна истиот ја отворил задната врата од возилото и му се обратил на Ж.Т. со заканувачки зборови дека физички ќе го нападне по што веднаш почнал со рака да го удира во пределот на главата и телото. Во нападот му се приклучил и второпријавениот и заедно продолжиле да го удираат Ж.Т. во пределот на главата и телото.

Останатите три лица кои биле во возилото заедно со оштетените чувствувајки страв и несигурност од насилното однесување на пријавените почнале да бараат помош.

Веднаш по настанот случајот бил пријавен во ПС ОН Ѓорче Петров.

Во вториот случај кривичното дело насилство врз лицето Г.Ѓ. (24) од Скопје го извршил Б.Л. сам во ресторан лоциран на бул.„Партизански Одреди“. Имено, додека Г.Ѓ. заедно со негов познаник од Скопје ја подмирувале сметката во наведениот ресторан и сакале да си заминат од објектот, им се приближил пријавениот и му се обратил на Г.Ѓ. да излезе надвор за да разговараат. Откако оштетениот одбил, а поради предходна расправија и страв да не биде физички нападнат, Б.Л. од јакната извадил безбол палка и веднаш почнал да го удира оштетениот во пределот на главата и телото со што му нанел повреди во вид на расекотини и модрици. Оштетениот од здобиените повреди на главата почнал обилно да крвари и да ја губи свеста, но пријавениот продолжил со дејствието се додека не бил спречен во намерата од вработен во ресторанот, по што и го напуштил местото на настанот.

Оштетениот бил префрлен во Градска општа болница „8МИСептември“ каде му била укажана лекарска помош, а поради сериозноста на повредата бил префрлен во Клиничкиот центар “Мајка Тереза“ за понатамошно лекување.

Од страна на полициски службеници излезено било во ГОБ „8МИСептември“ каде бил обавен разговор со Г.Ѓ., по што бил известен Јавен обвинител. Врз основа на барање од Основното јавно обвинителство во Скопје ресторанот достави податоци – едно ЦД со видео запис од безбедносни камери.

Од страна на полициски службеници од Единицата за насилен криминал при СВР Скопје извршен бил службен разговор со четири лица, сведоци на настанот, за што бил изготвен и службен материјал, а по писмена наредба од Основен суд Скопје 1 Скопје извршен бил претрес во домот на пријавениот при што пронајдена била безбол палка.

Инаку, Б.Л. досега бил кривично пријавуван за недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи, додека Д.П. бил кривично пријавуван за кражба, тешка кражба, разбојништво и затајување.