СВР Скопје-Единицата за недозволена трговија со дрога во изминатиот период реализираше четири одвоени случаи на недозволена трговија со дрога за кои до надлежното ОЈО кривично се пријавени пет лица од Скопје.
Така во првиот случај кривично пријавени се Д.Т. (26) и С.С. (33) кои што на крајот на минатиот месец од засега непознато лице од Струга за сума од 1.200 евра набавиле килограм марихуана со намера да го препродадат во Скопје. Имено Д.Т. кој во периодот на планирање на кривичното дело користел слободни денови од КПУ Идризово, каде издржува казна затвор за сторени кривични дела од областа на недозволената трговија со дрога и фалсификување исправа, се договорил со С.С. да набават поголема количина на марихуана, од која дел ќе биде наменета за улична продажба, а дел ќе ја искористат за производство на хашишово масло. Набавената дрога двајцата ја однеле во изнајмена куќа во с. Орман.
По потврденото сознание од страна на Единицата превземени биле мерки и активности за утврдување на движењето на пријавените и локациите каде би можеле да вршат препродажба на дрогата при што на 26-ти минатиот месец во атарот на с. Орман, поточно во непосредна близина на куќата која под закуп ја користел С.С., извршено било легитимирање и преглед на истиот како и преглед на моторното возило кое го управувал, при што на задното седиште пронајдена била една дигитална вага со остатоци од марихуана. С.С. бил приведен, а со наредба од Судија на претходна постапка истиот ден бил извршен претрес во куќата која С.С. ја користел под закуп како и во куќата во с. Волково, во која живеел. При извршените претреси во двете куќи пронајдени и одземени биле вкупно еден килограм и 40,17 грама марихуана спакувана во две најлонски кеси, два шприца и еден пластичен сад во кој имало околу 10 мл масло од хашиш, една рачно изработена цигара и една дигитална вага со остатоци од марихуана. За стореното кривично дело – “неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“ од страна на Судија на претходна постапка на пријавените им изрече мерка притвор во траење од по 30 дена.
Второто кривично дело го извршил Ф.С.(24), кој од засега непознато лице од Скопје, во текот на минатиот месец набавил поголема количина на марихуана, која планирал да ја препакува за улична продажба на уживатели од Скопје. Единицата за недозволена трговија со дрога, по потврдувањето на добиеното сознание со наредба од Судија на претходна постапка изврши претрес во домот и другите простории кај пријавениот во населбата Ѓорче Петров, каде биле пронајдени и одземени 438,6 грама марихуана, две дигитални ваги и 170 неотпакувани празни пластични шишиња, кои се предадени на вештачење за утврдување на нивното потекло и да се утврди дали биле предмет на друго кривично дело. И за пријавениот Ф.С., Судија на претходна постапка одреди мерка притвор во траење од 30 дена.
Во третиот случај Единицата за недозволена трговија со дрога во соработка со ЕПОИ „Алфа“, по добиено сознание дека Д.Т. (45), кој и претходно бил кривично пријавуван за недозволена трговија со хероин, планирал да набави поголема количина на синтетичка дрога-екстази, со намера улично да ја продава, презеде мерки и активности за потврдување на сознанието и обезбедување на материјални докази. По потврдување на сознанието и превземените мерки за утврдување на движењето на пријавениот и локациите каде би можел да ја врши препродажба на дрогата, на почетокот на месецов во централното градско подрачје од страна на полициски службеници на ЕПОИ „Алфа“, Д.Т. бил забележан како управувал моторно возило при што било извршено легитимирање и преглед на истиот како и преглед на моторното возило кое го управувал, при што во возилото бил пронајден ранец во кој имало 49 таблети екстази и 5,47 грама марихуана. Д.Т. бил приведен, а за стореното кривично дело – “неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“ од страна на Судија на претходна постапка му е изречена мерка притвор во траење од 30 дена.
Во четвртиот реализиран случај кривично пријавен е М.Ѓ. (25), кој во текот на минатиот месец од засега непознато лице набавил поголема количина на екстази, амфетамин и марихуана, кои планирал да ги препакува за улична продажба на уживатели од Скопје. На крајот од минатиот месец, по добиени оперативни сознанија и превземени мерки пријавениот бил лоциран во населбата Пинтија. На истиот му било извршено легитимирање и личен претрес, при што во еден од џебовите од јакната која ја носел, му биле пронајдени и одземени 50 таблети екстази, една зипер кесичка во која имало 2,38 грама амфетамин во прашкаста форма и еден исушен цвет од марихуана во вкупна тежина од 1,68 грама. М.Ѓ. бил приведен, а од страна на Судија на претходна постапка му е изречена мерка притвор во траење од 30 дена.