Делегација на Министерството за внатрешни работи предводена од министерот Оливер Спасовски денеска во Белград учествуваше на министерската конференција „Регионална проценка на заканите од тежок и организиран криминал- регионална СОКТА“, на која учествуваа и министрите за внатрешни работи на Србија и Црна Гора.
Во своето обраќање, министерот Спасовски рече дека се наоѓаме во непредвидлив период кога заканите, ризиците и предизвиците еволуираат и се модифицираат на дневна основа и затоа мора да има соодветна реакција за да се заштитат граѓаните, а криминалците да бидат изнесени пред лицето на правдата.
„Да ги натераме да не помислат воопшто на криминално дејствување. Да знаат дека криминалот не се исплати. Човековата слобода, достоинството, здравјето, имотот и приватноста мора да бидат сигурни и заштитени. Никој не смее да ги злоупотребува и да тргува со нив. Недозволената трговија со дрога, илегалната миграција, трговијата со луѓе, економскиот криминал, компјутерскиот криминал, како и организираните криминални групи кои дејствуваат во различни области на криминал мора да станат минато. Оваа Регионална конференција е вистинското место каде треба да ги испратиме овие пораки. Македонија, Србија и Црна Гора да бидат пример за останатите. Да покажеме дека со заеднички пристап и здружени сили сме одлучни да ставиме крај на сериозниот и организиран криминал. Стратешката координација е клучот за тоа“, рече Спасовски.
Конференцијата ја организира Мисијата на ОБСЕ во Србија во склоп на проектот за „Подобрување на капацитетите на секторите за стратешка анализа и стратешка проценка во управите на криминалистичките полиции на Министерствата за внатрешни работи на Македонија, Србија и Црна Гора“, под финансиско покровителство на Швајцарија.