По 21 ноември, Владата не смее да се расфрла со пари за патишта, училишта, канализации

Според Изборниот законик, изборната кампања почнува 20 дена пред денот на изборите, а завршува 24 часа пред денот на гласањето.

Кампањата трае само три недели за да се намалат трошоците и за да се создадат еднакви можности за независните кандидати. Од таа причина, во 2006 година од 30 на 20 дена беше скратена и изборната кампања за локалните избори.

Додека не почне изборната кампања (21 ноември), Владата работи нормално.

Според Законот за спречување на корупцијата, од денот на донесувањето на одлуката за распишување избори до завршувањето на изборот за пратеници во Собранието на Република Македонија и изборот на влада, извршната власт не смее со буџетски средства да почнува изградба на инфраструктура, како патишта, водоводи, далноводи, канализација, ниту училишта и градинки.

Почетокот на кампањата значи дека почнуваат да важат нови правила, како за однесувањето на јавните функционери, така и за медиумите.

Оттогаш јавните функцинери се само „технички“, а ако се кандидати за пратеници, имаат шанса за 20 дена да ги убедат гласачите повторно да гласаат за нив. Иако во Македонија одамна не се знае која е границата меѓу јавната и партиска фунција, сепак Изборниот законик предвидел правила на однесување за време на изборната кампања.

Што не смее да се прави:

Уредници, новинари, водители на програма и презентери, не смеат да учествуваат во предизборни активности на политички партии. (Доколку сакаат да се вклучат во кампањата на некоја партија, тие мора да го замрзнат својот работен ангажман до крајот на изборите);

Анкети на јавното мислење за изборните резултати се објавуваат најдоцна пет дена пред денот на одржување на изборите. (При објавување на резултатите, медиумите се должни да наведат податоци за името на нарачателот што го побарал и го платил испитувањето, институцијата што го извршила испитувањето, применетата методологија, големината и структурата на испитаниот примерок и периодот во кој е спроведено испитувањето);

Резултати од испитувања на јавното мислење спроведени на самиот ден на изборите не смеат да се објавуваат пред 19 часот, односно пред затворањето на избирачките места;

Предизборните собири не смеат да се одржуваат во воени објекти, верски објекти, болници, домови за стари лица, училишта, детски градинки и други јавни институции;

За потребите на изборната кампања не е дозволено да се користат просториите, опремата или другиот имот што е наменет за работа на државните органи и на органите на општините и на Градот Скопје.

Иако предизборната кампања сè уште не е почната, сепак, како и минатите изборни циклуси, политичарите го прекршуваат Изборниот законик. Речиси постојано има партиски конвенции, трибини, средби со граѓани. Иако Изборниот законик предвидува кампањата да почне 20 дена пред одржувањето на изборите, сепак изборните каравани тргнаа порано во битката по гласови. Ваква практика кај нас не е ништо ново. Заобиколувањето на Изборниот законик и злоупотребата на периодот пред почетокот на изборната кампања станаа традиција. Според законот, ДИК може да поведе прекршочна постапка против партиите што не го почитуваат Изборниот законик, но откако ќе добијат решение со кое се потврдува нивната кандидатура.

Што треба да се направи до изборите на 11 декември:

18 ноември – ДИК мора да ги објави во дневен печат листите со кандидати за пратеници;

21 ноември – Почнува изборната кампања, а завршува на 9 декември 2016 година во 24 часот;

22 ноември – ДИК ќе им го достави избирачкиот список на политичките партии, а тие, во рок од пет дена, до 27 ноември, мора да достават барање за запишување, дополнување или бришење податоци;

27 ноември – ДИК го потпишува избирачкиот список;

11 декември – Предвремени парламентарни избори.

Извор: meta.mk