Продолжува доизградбата на канализационата мрежа во Мешеишта

Градоначалникот на општина Дебрца, Игор Трајкоски, денес беше во посета на селото Требеништа каде што од септември оваа година се одвиваат градежни активности околу Реконструкцијата на водоводната мрежа во селото. Согласно проектната документација предвидено е да се изгради целосно нова водоводна мрежа, со вкупна должина од 6,5 км, изведена од полиетиленски цефки со различни профили. Во моментов изведени се над 3,5 км водоводна мрежа. Со реконструкцијата на водоводната мрежа во селото, како и со претходно ново изградениот резервоар за вода за пиење минатата година, трајно се решаваат долгогодишните проблеми со што ќе се овозможи подобрување на квалитетот на живот, како и поефикасно управување со ситемот за водоснабдување.

Градоначалникот ја искористи приликата да најави уште еден проект кој ќе започне со изградба, а тоа е Доизградбата на фекалната канализација во с.Мешеишта. Станува збор за доизградба на фекална мрежа со вкупна должина од 1530 метри, со што ќе се изврши поврзување на веќе изградената фекална канализација во село Мешеишта со колекторскиот систем кој ги поврзува селата Горенци, Требеништа, Волино, Мешеишта и Климештани, изграден пред извесен период.

„Со ставањето во функција на фекалната канализација ќе се приберат отпадните води од селото Мешеишта и ќе се спроведат до главниот колектор кој се протега покрај реката Сатеска. Поради непостоењето на фекална мрежа во селото Мешеишта, отпадните води се собираат индивидуално во септички јами, што значи загадување на подземните води и уништување на животната средина“, истакна градоначалникот Трајкоски.

Реконструкцијата на водоводната мрежа во Требеништа и Доизградбата на фекалната канализација се дел од Проектот „Водоснабдување и одведување на отпадни води” кој го реализира Владата на Република Македонија преку Министерството за транспорт и врски со средства добиени од Европската инвестициска банка. Во Реконструкцијата на водоводната мрежа во Требеништа ќе бидат вложени 5.752.723,00 денари со пресметан ДДВ., а во Доизградбата на фекалната канализација во с.Мешеишта ќе бидат вложени 7.554.950,00 денари со пресметан ДДВ.