Штојбер: На Македонија и успеа тоа што не им успеа на многу ЕУ членки

Во рамки на посетата на партиска делегација на ВМРО – ДПМНЕ на покраината Баварија денеска претседателот на партијата, Никола Груевски и членовите на партискиот Извршен комитет се сретнаа со поранешниот премиер на Баварија, Едмунд Штојбер.

На средбата со Штојбер, кој е поранешен претседател на ЦСУ, една од централните теми за разговор била бегалската криза во која што според домаќинот Македонија презела важна европска задача.

Во последната година со затворањето на границата Македонија презеде врз себе една голема европска задача. Тоа беше нотирано од страна на многу други држави од Европа, меѓу кои Франција и Германија. Македонија успеа во она што многу други држави не успеаја, затоа сметам дека преговорите за влез треба продолжат понатаму и да се најде решение, рече Штојбер.

Екс лидерот на ЦСУ смета дека на предвремените парламентарни избори што ќе се одржат во Македонија ВМРО – ДПМНЕ ќе постигне голем успех.

Се надевам дека изборите на 11 декември во Скопје нашата сестринска партија предводена од Груевски ќе оствари победа, додаде тој.

Од 2007 година Едмунд Штојбер е почесен претседател на ЦСУ која што функционира само во најбогатата германска покраина Баварија и која е сестринска партија на ЦДУ на канцеларката Ангела Меркел со која ја дели власта на ниво на Сојузна Република Германија.

Пред два месеци делегација на ВМРО – ДПМНЕ предводена од претседателот на партијата Никола Груевски оствари посета на Берлин каде што се сретна со триесетина претставници на германскиот политички и бизнис естаблишмент.