На денешниот завршен настан на овој твининг проект, кој се спроведе во рамки на Инструментот за претпристапна помош 2010, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Поповски, се заблагодари на италијанскиот амбасадор Карло Ромео проектниот лидер г-дин Џовани Пецоти, резидентниот твининг советник г-нот Гангери, италијанските колеги и твининг проектот за исклучителната професионална соработка и несебичното споделување на свето знаење и искуство при реализацијата на овој проект.
„Упатувам благодарност до Делегацијата на Европската унија и Секторот за централно финансирање и склучување договори при Министерството за финансии за поддршката во реализација на овој важен проект за нас, чија цел беше да се подобри ефективноста и квалитетот во работењето на надлежните институции, одговорни за системот за безбедност на храната, ветеринарната и фиосанитарната политика. Крајна цел на проектот кој заедно го реализиравме е заштита на здравјето на граѓаните во Република Македонија, зголемување на довербата на потрошувачите во контролните системи на институциите и обезбедување на услови за подобар пласман на домашните производи на пазарите во Европската унија и пошироко во светот“ – рече директорот Поповски во обраќањето.
Проектите активности и очекуваните резултати, додаде тој, беа голем предизвик за сите инволвирани страни. Во овој проект вложен е голем труд, во имплементацијата на активностите се ангажирани голем број на државни службеници од сите институции корисници на проектот, со што, потенцира Поповски се покажа нашата целосна посветеност и желба за реализација на овој успешен проект.
„Со спроведување на проектот се обезбеди квалитативно зајакнување на административниот капацитет на секоја институција корисник поединечно. Некои од реализираните резултати претставуваат мотив за понатамошно вложување на напори кои ќе придонесат македонските производи да бидат препознаени како безбедни и квалитетни брендови во европската и светската трговска мрежа. Поголемиот дел од реализираните активности се актуелни трендови во политиките на ЕУ за современо водење и управување на службите за безбедност на храната, ветеринарната и фитосанитарната политика. Со спроведувањето на утврдените проектни активности се овозможи подобрување на системите за контрола на болестите кај животните, ефективноста на работењето на инспекциските служби, воспоставувањето на пасошкиот систем кај растенијата, развивање на ИТ системи кои ќе придонесат побрза размена на податоци и ефективна анализа на состојбите. Се воведоа нови техники и постапки, како што се контролниот систем на храна за животи, системот за следење на електронската продажба на храна и измамите со храна“, објасни директорот Поповски и додаде дека со техничката поддршка на проектот се ревидираа повеќе правни акти, се изготвија голем број имплементативни документи, прирачници и контролни листи за подобрување и унифицирање на работата на инспекциските служби како на Агенцијата за храна и ветеринарство, така и на фитосанитарната инспекција.
Со поддршка на италијанските партнери, се овозможи зајакнување на капацитетите на сите институции вклучени во проектот, заедничка беше констатацијата на претставниците од институциите вклучени во реализација на проектот. Критериумите за работа се подигнаа на уште повисоко ниво, со единствена цел подобрување на безбедноста и здравјето на граѓаните, како и задоволството на потрошувачите.
„Во најбрз временски рок очекуваме овие резултати да вродат со плод од пошироки размери во насока на обезбедување на задоволителен статус на болестите кај животните и растенијата, целосно исполнување на барањата утврдени во ЕУ и меѓународните стандарди, со цел отворање пред се на европските пазари за македонските производи. Од посебно значење се извозот на млеко и млечни производи, свинското и говедското месо, рибите и нивни производи. Со обезбедување на услови за извоз на македонските производи ќе им овозможиме на македонските компании фер трговски натпревар, а со тоа ќе ја зајакнеме економската стабилност во државава и ќе придонесеме за подобар живот на граѓаните на Република Македонија“ – заклучи директорот Поповски.