Презентирана предлог-концепцијата за реформа на техничкото образование

Заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски, денеска присуствуваше на јавна дебата на која беше презентирана предлог-концепцијата за реформата на техничкото образование. Покрај Ристовски на дебата учествуваа и директорките на Бирото за развој на образованието и на Центарот за средно стручно образование и обука, Весна Хорватовиќ и Ајше Селмани, директори на средните стручни училишта, претставници од стопанските комори и од Агенцијата за вработување.

Ристовски истакна дека оваа реформа е една од најзначајните во образованиот систем од која се очекува зголемување на компатибилноста на вештините со кои учениците од средно образование ќе ја завршуваат својата едукација, а притоа ќе бидат во можност да одговорат на потребите пред се на домашните, но и на странските компании.

„Досега се реформирани 111 наставни програми од двегодишното и тригодишното средно стручно образование, за коишто веќе е распишан јавен повик за набавка на нови учебници по новите наставни програми. Истовремено продолжуваме со реформа на четиригодишното средно стручно образование, при што се очекува во текот на следната година да бидат готови изменетите наставни програми за прва година средно стручно од четиригодишното образование, а ќе се продолжи и со реформите во другите години. Станува збор за крупна, значајна реформа, која може да даде исклучителен напредок на Република Македонија затоа што со поддршка на потребите на пазарот на трудот, проодноста по завршување на средното стручно образование се очекува да се зголеми на повисоко ниво“, рече Ристовски.

Ристовски додаде дека покрај реформата на наставните програми и учебниците, предвидена е и нова опрема во средните стручни училишта.

Концепцијата за реформи во средното стручно образование се темели на прецизна анализа на образовните профили. За некои од струките за кои ќе се констатира дека немаат веќе применливост, со оглед на развиената технологија денес во однос на времето од пред неколку децении, се предлага да бидат укинати, додека некои треба да се адаптираат на современите услови.

За реализација на оваа крупна образовна реформа, Министерството за образование и наука има склучено договор со меѓународен конзорциум од Италија и Турција и експерти од Обединетото Кралство кои имаат богато искуство во реформирање на стручното образование.