Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска на проштална средба го прими амбасадорот на Исламска Република Иран во Република Македонија, Н.Е. г. Саид Садег Мохаммади.
На средбата беа разменети мислења за актуелните состојби во двете земји, како и за соработката меѓу двете земји од взаемен интерес. Во таа насока, двајцата соговорници се согласија за потребата од зајакнување на политичкиот дијалог и размена на посети на сите нивоа, што треба да придонесе за интензивирање на економската соработка и трговската размена меѓу Република Македонија и Исламска Република Иран.
Амбасадорот Мохаммади изрази задоволство од извршувањето на дипломатската должност во Република Македонија и го изрази уверувањето дека неговата земја ќе продолжи со напорите за унапредување на односите со Република Македонија.
Претседателот Иванов се заблагодари за севкупниот ангажман на амбасадорот Мохаммади и му посака успех во натамошната кариера.