Иванов на средби со бугарскиот претседател и со новоизбраниот претседател на Република Бугарија

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во Софија оствари средби со претседателот на Република Бугарија, г. Росен Плевнелиев и со новоизбраниот претседател на Република Бугарија, г. Румен Радев.

На средбите беше заклучено дека договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија не треба да биде пречка за развојот на билатералните односи, бидејќи сме две пријателски и соседни држави кои ги поврзуваат многу нешта од минатото и кои имаат заедничка иднина.

„Договорот меѓу нашите две земји се уште не е завршена работа. Веќе поминаа многу години да се изедначи текстот, бидејќи се настојува да постои симетричност во него и двете страни на некој начин да бидат задоволени„, изјави претседателот Иванов по средбите.

Изрази надеж дека со изборот на новата влада и од бугарска страна, конечно ќе се решат некои ситни дилеми кои се состојат во зборови и нијанси на формулации со што ќе се заврши овој долг процес на усогласување и ќе го имаме договорот.

„Бугарија е петти трговски партнер на Македонија. Без изградена инфраструктура, без автопатишта, без изградена пруга сме постигнале така висока трговска размена и тоа влијае на нашите две стопанства, на нашите граѓани и за блиските односи меѓу институциите“, истакна претседателот Иванов.

Посочи дека со своите бугарски колеги бил и останува отворен и голем пријател за сите прашања.

„Кога ќе имате разговор и дијалог можете да доаѓате до решение. И сепак, личниот однос, повторувам, е секојпат оној што ги отвора сите врати„, нагласи претседателот Иванов.

На средбата претседателот Иванов му посака успешен мандат на новоизбраниот претседател Радев и го покани во официјална посета на Македонија.

„Се надевам дека посетата ќе се оствари и дека тоа дополнително ќе ги поттикне и ќе ги зацврсти односите што веќе ги имаме“, рече претседателот Иванов.

Македонскиот претседател ја оцени работната посета на Бугарија како успешна.

„Имав конструктивни и корисни разговори за прашањата кои се во интерес на двете земји и за сите предизвици со кои сме соочени како соседи. Во контекст на тоа го посочи искуството на другите земји во Европа каде има добра регионална соработка.

„Многу корисно ни беше искуството што го имавме со бегалската криза и размената на информации меѓу двете земји, која истакна доверба на нашите институции. Тоа се надевам со новиот претседател ќе продолжи“, рече претседателот Иванов.

На средбите станало збор и за претстојните избори во Македонија и во Бугарија.

„Не очекуваат избори, треба да избереме ново собрание, нова влада, веројатно веќе напролет и во Бугарија се очекуваат избори, ќе треба и тие да изберат ново собрание и се надеваме дека новите влади и новите министри ќе ги продолжат сите овие работи што досега сме ги имале и многу прашања ќе бидат затворени“, нагласи претседателот Иванов.

Во изјавата претседателот Иванов посочи дека БАН и МАНУ се пример како две институции кои се во науката треба да пристапат за сите прашања кои ги оптоваруват односите меѓу нашите две земји.

„Ние имаме многу работи од минатото кои се уште ни натежнуваат и не оптоваруваат во многу односи, но академиите покажаа зрелост да разговараат за сите прашања. Кога ќе се соочите со аргументи, факти и научни пристапи можете за секое прашање да најдете одговор. Тоа е позитивен пример што го истакнав и сметам дека треба да го следат и другите институции„, рече претседателот Иванов.

Прогласувањето за „Почесен доктор на науки” од страна на Бугарската академија, како што рече Иванов, е плод на таа соработка, но и на стекнатата доверба во работењето на двете академии.

„Јас сум добивал многу признанија, но кога тоа доаѓа од сосед има особена тежина и значење,“ нагласи македонскиот претседател.

????????????????????????????????????