АХВ го подигна нивото на внимателност по појавата на птичји грип во Европа и соседството

 

По добиените информации за присуство на болеста Авијарна инфлуенца, кај народот позната како птичји грип во неколку европски земји и држави од регионот, Агенцијата за храна и ветеринарство го подигна нивото на внимателност во државава. Испратен е допис до ветеринарните друштва за пријавување на евентуална зголемена смртност кај живината во одглеувалиштата, или за угинати птици преселници. Преземени се и активности за навремено информирање на одгледувачите на живина за превентивните мерки кои треба да ги преземат во одгледувалиштата, со цел намалување на ризикот од појава или пренесување на оваа болест во јатата, како и за нејзино полесно препознавање и начинот на кој таа може да се прошири.

Бидејќи станува збор за болест која има специфичен начин на ширење, односно најчесто се шири преку птиците преселници кои се сметаат за нејзин резервоар, до одгледувачите на живина и до ветеринарните друштва дадени се насоки кои биосигурносни мерки треба да се преземат на фармите и какви мерки за заштита треба да преземат категориите на лица кои се изложени на ризик, бидејќи станува збор за болест од која првенствено заболуваат птиците, но и луѓето.

Оваа болест задолжително се пријавува и затоа апелираме во најкраток можен рок, до надлежното ветеринарно друштво или официјален ветеринар на Агенцијата за храна и ветеринарство да се пријави секоја зголемена смртност на живината на одгледувалиштата.

Моментално болеста Авијарна инфлуенца присутна е во Германија, Данска, Холандија, Унгарија, Австрија, Хрватска и други земји.

avinf