Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили, д-р Ѓорге Иванов, согласно Законот за одбрана и Законот за служба во АРМ, со указ изврши нови поставувања на старешини на формациски места предвидени за генералски чин, како и на командни должности во здружената оперативна команда (ЗОК) и во првата механизирана пешадиска бригада. Исто така, претседателот на Република Македонија со указ назначи висок воен претставник на Република Македонија во командата на НАТО во Брисел, Кралство Белгија и воен претставник во Анкара, Република Турција.
Досегашниот командант на ЗОК, генерал мајор Васко Ѓурчиновски е назначен за висок воен претставник на Република Македонија во седиштето на НАТО во Брисел.
На местото командант на ЗОК е поставен бригаден генерал Зоран Милески кој досега ја извршуваше должноста командант на првата механизирана пешадиска бригада.
За нов командант на првата механизирана пешадиска бригада е поставен бригаден генерал Мирче Ѓоргоски кој е актуелен аѓутант на Врховниот командант на вооружените сили.
Со Указ на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во чин бригаден генерал e унапреден полковникот Орце Јордев, командант на полкот за специјални операции. Бригадниот генерал Орце Јордев во текот на воената кариера извршува бројни командантски и штабни должности во полкот за специјални операции (пСО), меѓу кои и командант на баталјонот за специјални намени, а должноста командант на пСО ја извршува од 2015 година.
Со Указ на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, полковникот Жарко Ристевски е назначен за воен претставник на Република Македонија во Анкара, Република Турција.