Запленети 200 килограми тутун, 134 паковки лекови, цигари, моторцикл и друго

Мобилните царински тимови спречија обид за криумчарење на 134 паковки со лекови и 100 килограми тутун за водено луле, со вкупна вредност од околу 195 илјади денари.

На ден 27.11.2016 година, во попладневните часови, на граничниот премин Блаце, за излез од државата се пријавил српски автобус, што сообраќал на релација Скопје – Нови Пазар, управуван од српски државјанин. При детална контрола на автобусот, во фабричка празнина над задните гуми од десната страна на автобусот, до која се пристапува преку посебно направена преграда во просторот за одмор на возачот, биле пронајдени 4 картонски кутии со 100 килограми тутун за водено луле, спакувани во проѕирни најлонски кеси, 100 пакувања со 2.000 таблети Андол 300 mg, 30 пакувања со 1.800 таблети Онкамид и 4 пакувања со 200 ампули од по 2 ml Фуросемид.

Случајот е предаден на Одделението за истраги за понатамошно постапување, а против возачот ќе биде поднесена кривична пријава.

Минатата недела царинските службеници спречија и обид за криумчарење на 108 килограми режан тутун откриени при контрола на српски камион, управуван од српски државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавениот тутун, пронајден во 6 најлонски вреќи, сместени под долниот кревет и на горниот кревет, во кабината на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поднесена кривична пријава.

Покрај тоа, во текот на минатата недела, царинските службеници открија и една царинска измама и повеќе обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани, цигари, облека, памучно предиво, моторцикл, полиетиленска фолија, делови за дигитална вага, баркод печатач и водомери.

Задржана е следната стока:

Цигари

– 64 штеки цигари LD 100’s, LD Slim и YORK 100’s, со македонски акцизни маркички, откриени при контрола на македонски автомобил со кој патувале тројца македонски државјани, пријавен за излез од државата, на граничниот премин Меџитлија. Непријавените цигари биле пронајдени под тапацирот во фабрички празнини во багажникот, вратите, подот и задното седиште на возилото. Истите се привремено задржани а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.

– 28 штеки цигари ОМЕ без акцизни маркички, откриени при контрола на бугарски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените цигари, пронајдени во чанта за лап-топ, 2 рачни чанти, во просторот под рачната кочница и во прегради од вратите на возилото, се привремено задржани, а против возачот е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

Облека и предиво

– 9,684 килограми памучно предиво, откриени при контрола на стока со потекло од Грција, наменета за увозник од Прилеп, пријавена за увозно царинење во царинската испостава Меџитлија. Пронајденото предиво, кое не било опфатено со царинската декларација, е привремено задржано, а против увозникот ќе биде поведена прекршочна постапка.

– 70 кошули, откриени при контрола на српски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените кошули, пронајдени под предните и задните седишта, во страничните фабрички празнини на багажникот, во просторот за резервна гума и во потпирачот за раце помеѓу предните седишта, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

Моторцикл, техничка стока, водомери

– 1 моторцикл марка KTM Kros, откриен од страна на мобилните царински тимови, при контрола на македонски автобус, што сообраќал на редовна линија меѓу Италија и Македонија, пријавен за влез во државата, на граничниот премин Табановце автопат. Моторциклот, расклопен на делови, бил пронајден во три кеси и една торба сместени во багажниот простор на автобусот. Истиот е привремено задржан а против сопственикот, македонски државјанин кој патувал со автобусот, ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

– 25 килограми полиетиленска фолија, 1 употребуван дисплеј со печатач за дигитална вага DIKOMSANSPW и 1 употребуван баркод печатач TSCTTP-244, откриени при контрола македонски камион, управуван ос македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Дојран. Непријавените производи, пронајдени на горниот кревет во кабината, во странична преграда на влекачот и во просторот за палети, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

– 5 водомери за индустриско мерење на потрошувачка на вода, откриени при контрола на грчки автомобил, управуван од грчки државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Меџитлија. Непријавените водомери, пронајдени во картонски кутии сместени во багажникот на возилото, се привремено задржани, а против возачот е поведена соодветна постапка.

Царинска измама

Во царинска испостава Скопје 1 е откриен обид за избегнување на плаќање на увозни давачки со погрешно тарифирање на стока.
Фирма од Скопје пријавила за увозно царинење диететски производ – Колаген, деклариран во тарифна ознака со стапка за царински давачки од 0% и стапка за ДДВ од 5%.. По извршен физички преглед на стоката, царинските службеници се посомневале во правилното распоредување на стоката според Водичот за царинење, поради што била земена мостра и испратена на лабораториска анализа во царинската лабораторија. Врз основа на анализата, царинската лабораторија утврдила дека стоката треба да се распореди во сосема друга тарифна ознака, со пропишани стапка за царински давачки од 25% и стапка за ДДВ од 18%.
Врз основа на новоутврдената тарифна ознака, пресметани се дополнителни увозни давачки во износ од околу 193 илјади денари, а против увозникот ќе бидат превземени соодветните законски мерки.