Изложба на Омер Калеши во Чифте Амам

Денеска во просториите на Министерството за култура, државниот секретар Бехиџудин Шехаби одржа прес – конференција по повод отворањето на постојаната поставка на светски познатиот сликар по потекло од Македонија, Омер Калеши.

„Се чувствувам почестен што можам да седам до еден ваков колосален сликарски уметник и што воедно ми е дадена можноста да го објавам отворањето на постојаната поставка на светски познатиот сликар по потекло од Македонија, Омер Калеши. Како што веќе сте информирани, иницијативата за основање на постојана поставка со делата на овој колосален сликарски уметник, потекнува уште од септември 2014 година, кога и самиот почитуван сликар го посети Министерството за култура, заедно со неговиот извонреден пријател амбасадорот Јордан Плевнеш, и изрази желба да подари на неговата татковина неколку дела од неговиот голем творечки опус. Оттогаш, работевме сите за да го реализираме овој значаен проект“, посочи државниот секретар при Министерството за култура, Шехаби.

Свеченото отворање на изложбата која се состои од 24 сликарски композиции на овој еминентен уметник од Македонија, кој живее и твори во Франција, ќе биде во просториите на Чифте Амам во четврток на први декември во 12:00часот. Потоа, дел од сликите ќе бидат во постојана поставка која ќе може да се проследи во Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Скопје.

Имено, Омер Калеши е одликуван од претседателот на државата со орденот за заслуги заради неговото афирмирање на Република Македонија во светот. Исто така, тој е прогласен за почесен граѓанин на Општина Чаир, кој Совет донесе одлука за прифакање на донацијата.

„Како што и беше навестено пред некој месец, дека делата на овој голем сликарски уметник ќе бидат изложени во Скопје оваа есен, тоа и се оствари. Скопје, ќе биде вториот град, по Приштина, каде големиот уметник ќе има постојана поставка. Истите овие слики, кои ќе ги гледате во Скопје, беа изложени во Виена, Австрија, со финансиска поддршка од Министерството за култура“, додаде во своето обраќање државниот секретар при министерството за култура, Шехаби.

На прес-конференцијата приствуваше и самиот Омер Калеши, и директорите на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, Скендер Хасани, директорот на Уметничка галерија на Македонија, Дита Старова-Керими, како и претседателот на Советот на општина Чаир, Захир Бектеши.