Министерот Јолевски во обиколка на единиците на АРМ на јужната граница

Министерот за одбрана Зоран Јолевски денеска ги обиколи позициите на Армијата на Република Македонија на јужната граница во делот на Гевгелија, каде воедно се вклучи и во 17. по ред акција „Ден на дрвото – засади ја својата иднина“. Воедно, министерот Јолевски ги посети и сместувачките капацитети на Армијата во Богданци каде имаше и ручек со припадниците на АРМ.

„Денеска сум во посета на припадниците на Армијата кои даваат поддршка на полицијата во обезбедувањето на границата. Ние како Министерство и Влада го следиме развојот на состојбата со мигрантската криза, сето она што се случува во Европа, но и Грција и Турција, со цел соодветно да реагираме доколку се зголеми приливот на мигранти“, истакна министерот на караулата Гевгелија, локација која беше една од клучните во справувањето со мигрантската криза. Министерот посочи дека во континуитет се реализираат средби со министри за одбрана, како и претставници на Високиот комесаријат за бегалци со што се следи состојбата. Ние имаме развиено стратегии и разни опции, додаде министерот, така што Македонија е безбедна.

dsc_4416_resize

Одговарајќи на новинарско прашање околу идните планови во однос на зголемувањето на стандардот на припадниците на АРМ, министерот Јолевски посочи дека тоа е континуирана цел на Министерството. „Токму за припадниците на АРМ на јужната граница изнајмивме капацитет во Богданци, кој и целосно го реновиравме. Воедно продолжуваме со зголемување на стандардот на припадниците на АРМ со проектите како ’АРМ – мој вистински дом’, дневниците за ангажманот на границата редовно се исплаќаат, инвестираме во нивното образование и обука со што тие се стекнуваат со вештини и знаења кои ќе ги користат во иднина“, додаде министерот Јолевски.

Во однос на денешната акција за засадување, министерот Јолевски и градоначалникот на општина Гевгелија, Иван Франгов засадија дрва, кои, како што рече министерот претставуваат иднината на Република Македонија. „Шумите се богатство за една држава и народ, тие влијаат на климата, земјоделството. Но, многу е важно што со една ваква прекрасна акција за која сум сигурен дека ќе продолжи и во иднина, ние создаваме нови навики и еден однос на младите лица кон шумите“, рече министерот.

Во текот на денешниот ден, на 60 локации низ Република Македонија ќе бидат засадени над 2,5 милиони садници. Во засадувањето, како и секоја година, активно се вклучуваат и припадници на Армијата на Република Македонија. Во досегашните акции пошумени се околу 13.000 хектари со над 35 милиони садници.

dsc_4475_resize