Во конкуренција од 20 државни организации, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија освои прво место за дизајн на промотивен материјал за туризам.
Шумадискиот саем за туризам и селски туризам во Крагуевац, Србија, по осми пат избра победници во пет категории: Шумадиски чај (ракија), најдобар промотивен материјал, најуспешна промоција, најубаво проектиран штанд и наголем придонес за развој на туризмот на територијата на град Крагуевац.
Комисијата на шумадискиот саем и град Крагуевац го додели третото место за најдобар промотивен материјал на туристичката организација на град Ниш, второто место припадна на туристичката организација на Херцег Нови, додека победник во оваа категорија е Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија.
Пропагандниот материјал со кој Агенцијата за туризам го промовира туристичкиот потенцијал на земјава е составен од шест брошури кои се меѓусебно поврзани и ги објаснуваат туристичките потенцијали на Македонија. Со изобилство на информации преку брошурите допир, поглед, вкус, слух, инстинкт и мирис, Агенцијата за туризам ги комуницира сите сетилата кои човекот ги поседува, а може да ги задоволи доколку дојде да ја посети Република Македонија.