Започна реализацијата на проектот „Подобрување на јавната свест за безбедноста на храната“

Агенцијата за храна и ветеринарство, денеска почна со реализација на проектот „Подобрување на јавната свест за безбедноста на храната”. Со потпишување на меморандумот за соработка меѓу Агенцијата и Општина Гази Баба, беше означен почетокот на активностите од оваа кампања, кои до 28 овој месец ќе се реализираат и во општините, Кисела Вода, Штип, Прилеп и Гостивар. Проектот вреден 1,6 милиони денари се спроведува со финансиска поддршка од Јапонската агенција за меѓународна соработка „JICA” и со него се опфатени градинки, основни и средни училишта, пензионерски домови, односно граѓани потрошувачи од сите возрасти.

„Активностите ќе се фокусираат на одржувањето лична хигиена, миењето, чувањето и подготвувањето на храната, правилното читање на декларациите и изборот во рестораните“, рече на прес-конференцијата директорот на Агенцијата Дејан Рунтевски.

Според него, потребата од едукација на потрошувачите за консумирање храна никогаш не е доволна.

Во рамки на кампањата, за подигнување на свеста за значењето на безбедноста на храната и одредените постапки кои придонесуват за нејзино подобрување ќе се делува на сите старосни категории гражани и тоа преку дистрибуција на печатени материјали – постери, сложувалки, брошури, пенкала, тефтери и слично.

„Стручни лица од Агенцијата, и во нашата општина ќе извршат обука на наставниците во основните и средните училишта за значењето на безбедноста на храната и постапките кои треба да се применуваат за нејзино подобрување. Тие понатаму практично ќе го продолжат проектот преку секојдневното работење“, – истакна градоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски.

Одржувањето на личната хигиена, правилно миење на храната пред употреба, значењето на задолжителната термичка обработка, начинот на избор на храна од рестораните за брза исхрана, опасност од основните болести кои се пренесуваат со храната, се дел темите наменти за децата и младите.

Презентациите за возрасните и старите лица, ќе бидат повеќе насочени кон стекнување на вештини за тоа како да се препознае каде се служи безбедна храна, препознавање на безбедната храна на пазарите и во маркетите, значењето на означувањето на производите, начинот на чување на сурова и подготвена храна, како и темите кои се однесуваат на значењето на етикетите на производите, најчестите предизвикувачи на болести од храна, за труењата со храна и слично.

Одговорите на најчесто поставуваните прашања од едукативните презентации ќе бидат поставени на веб страницата на АХВ www.fva.gov.mk.

Претставникот на Јапонската агенција за меѓународна соработка во Македонија, објасни дека во земјава JAICA функционира од деведесеттите години и дека досега има реализирано низа проекти преку обезбедување техничка помош.

Проектот „Подобрување на јавната свест за безбедноста на храната” следи по реализацијата на обуките кои ги одржа Агенцијата за храна и ветеринарство за операторите со храна, во рамки на серијалот обуки „Осигурување на безбедноста и квалитетот на храната”, со кои беа опфатени производителите и преработувачите на млеко, месо и угостителите.