Гасоводот е значаен проект за Република Македонија, но историски за градот Охрид. Затоа една од клучните цели на ВМРО ДПМНЕ е воведување на природен гас како нов енергенс директно достапен во домаќинставата, индустријата, малите и средните претпријатија, негова употреба во комуналните дејности образовните, социјалните дејности, здравствените установи, но и овозможување на негова достапност во секој дом во Република Македонија. Ова го истакна на денешната прес-конференција кандидатот за пратеник од ВМРО ДПМНЕ во ИЕ 5 Д-р Сашо Василевски.
„За петтата изборна единица најзначајна е изградбата на магистралниот гасовод Битола-Ресен-Охрид-Струга и магистралниот гасовод Кичево-Охрид. Со изградбата на оваа делница природниот гас станува достапен и за граѓаните на Охрид, како и за индустриските објекти и населените места во овој регион. Делницата Битола-Ресен-Охрид-Струга е со должина од 70 км чија што изградба треба да започне во 2019 година, а ќе се заврши во 2020 година. Додека со изградбата на делницата Кичево-Охрид се заокружува примарниот прстен на магистралниот гасовод во Република Македонија кој што ќе биде со должина 48 км, а изградбата треба да започне во 2020 година, а ќе заврши во 2022 година. За зајакнување на стабилноста во снабдувањето со природен гас на нашата земја ќе се реализираат неколку активности на меѓудржавни водови помеѓу Македонија-Грција, Македонија-Србија, Македонија-Бугарија и Македонија-Албанија.“– рече Василевски.
Како што истакна Василевски, освен тоа што ВМРО ДПМНЕ презема активности за изградба на националниот гасоводен систем паралелно се работи и на изградба на дистрибутивните мрежи на природен гас.
„Со изградбата на овие дистрибутивни мрежи природниот гас ќе стигнува до секој дом, но и компаниите ќе имаат можност да изберат природен гас како поевтина и еколошки чиста средина. За развој на овие мрежи за природен гас изработена е студија за изводливост во три региони за изградба на дистрибуцијата: Регион 1 (Скопски)во кој се опфатени 17 општини ; Регион 2 ( Источен) опфатени се 36 општини и Регион 3 (Западен) опфатени се 26 општини. Корисниците кои преку дистрибутивните системи би се снабдувале со природен гас се поделени во три категории: Домаќинства во индивидуални станбени објекти, Домаќинства во колективни станбени објекти, Објекти од комерцијалниот и услужниот сектор и објекти од индустријата.“– рече Василевски.
Додаде дека Владата предводена од ВМРО ДПМНЕ нуди мерки за субвенционирање и кредитирање на идните потрошувачи на овој енергенс.
„Субвенционирањето се планира да се одвива преку намалување на царински давачки, данок, мерки за стимулација за градба и користење во детски градинки, училишта, факултети и други јавни установи. Додека пак кредитирањето за воведување на природниот гас би се реализирало преку исплата за инсталациите за системот за довод на природен гас преку самата потрошувачка на истиот. Со гасификацијата се очекува да се намалат трошоците на граѓаните и други економски субјекти за затоплување и користење на топла вода. ВМРО ДПМНЕ е политичка опција која што се грижи и залага за подобрување на стандардите на нашите граѓани со тоа што во програма од 500 страници наречена РЕАЛНО ветува и остварува проекти за секојдневните потреби на граѓаните.“- додаде Василевски.
WebOhrid