1. Имено, пред помалку од еден месец, поради несовесно градење на фирмата ТИМ ИНЖЕЊЕРИНГ од Скопје, во центарот на градот Охрид, веднаш позади Општината, а наспроти економското училиште, се направи огромно свлечиште во соседниот двор( дворот од нашата семејна куќа), при што беше буквално однесен половина двор и куќата речиси висеше на конец. Ние, како семејство кое живее во таа куќа, веднаш реагиравме, најпрво кај соседот кој гради, кај кого не наидовме на никакво разбирање, напротив наидовме на агресивен однос. Неможејќи да најдеме разбирање кај соседот и главниот инвеститор фирмата ТИМ Инжењеринг од Скопје, ние се обративме кај сите надлежни институции. Од таму ни одговорија дека е преземено се што е во нивна надлежност за да се стопира градењето и да се изврши соодветна санација на настанатата штета. Ситуацијата на терен, сепак беше поразлична.
2. Следната фаза беше инволвирање на судот. По оддржување на едно рочиште, судот донесе одлука за ВРЕМЕНА МЕРКА ЗА ЗАБРАНА СО ГРАДЕЖНИ АКТИВНОСТИ, додека не се изврши целосна санација и додека не се врати земјиштето во првобитната состојба . Фирмата ТИМ ИНЖЕЊЕРИНГ и покрај донесување на судската одлука, која ВЕДНАШ СТАПУВА НА СИЛА , сепак не ја почитува. Напротив, продолжува со градежни зафати. Ова е противзаконски.
3. Градежниот инспектор, откако увиде дека судската забрана не се почитува, требаше да донесе решение за затворање на градилиштето. До денеска такво решение не е донесено. До него веќе е поднесена кривична пријава.
4. Во однос на градежните дозволи на фирмата инвеститор, тие НЕМААТ ПРАВОСИЛНО РЕШЕНИЕ ЗА ПОЧЕТОК СО ГРАДБА. Што подразбира дека воопшто неможе да започне со градба, ако нема такво решение. Дополнително, тие исто така НЕМААТ ДОЗВОЛА ЗА ГРАДБА ИЗДАДЕНА ОД ЗАВОД И МУЗЕЈ, ОХРИД, бидејќи локацијата каде се гради се води како објект во прва линија, што е под директна заштита на споменатата институција.
5. Дополнителен револт кај нас се јавува бидејќи НЕМА апсолутно никаква реакција од страна на ОПШТИНА ОХРИД, иако се ова се случува во очи на општината, нема реакција ниту од ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ОПШТИНА ОХРИД, ниту од Секретарот, ниту од било која институција надлежна за градежни активности и спорови кои произлегуваат од нив. Сомнително е што изведувачот го има заземено речиси половина од општинскиот паркинг за свои потреби. Секако дека ниту на ова никој од надлежните во општината не реагира.
Што се однесува до нашиот дел, ставен е потпорен ѕид и е вратен многу мал дел од земјата, но ниту оддалеку не е целосно санирано. Тие престанаа да работат во нашиот дел и продолжија со градежните активности на нивниот објект. Ова укажува на КОМПЛЕТНО НЕПОЧИТУВАЊЕ НА ВРЕМЕНАТА ЗАБРАНА, директно непочитување на судот и личи на едно тоталитаристичко однесување, по принципот “Ми се може“. Секако некој ним им ја дал таа моќ за такво грубо кршење на секој закон поврзан со оваа ситуација.
Ова е уште еден во низата случаи на целосно нефункционирање на нашиот систем. Но, секако дека не треба да застанеме само на тоа дека ни е таков системот. Работите мора да почнат да се менуваат, одговорностите да си ги сносат сите поединечно согласно своите ингеренции и конечно да почнеме нормално да живееме.
Во прилог ви ја доставувам времената мерка за престанок со градба, донесена од страна на Судот.
Семејство Шутиноски од Охрид
*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.