Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов ги посети припадниците на Армијата на Република Македонија и другите безбедносни служби задолжени за обезбедување на државната граница, на граничниот премин „Меџитлија”.
Претседателот Иванов беше информиран за безбедносната состојба на јужната граница, која е прогласена за кризно подрачје.
– Како што е познато од јуни 2015 до јуни 2017 прогласивме кризна состојба заради заканите од илегална миграција која доаѓа од страна на нашиот јужен сосед. Нашите припадници на армијата го контролираат теренот и предвид ги имаат сите можни предизвици кои може ние да ги имаме како земја од илегалната миграција. Припадниците на армијата ме информираа за сите нивни досегашни зафати и се што е преземено да се превенира и спречува илегална миграција. Иако најголемиот удар го имаме на граничниот премин кај Гевгелија и Дојран, сепак и тука во текот на изминативе месеци имало околу 240 обиди за илегално преминување на нашата државна граница, истакна претседателот Иванов.
Шефот на државата изјави дека се следат состојбите и се обезбедуваат информации за превенирање на евентуалниот втор миграциски бран.
„Дневно ги следиме сите настани што се случуваат околу договорот меѓу ЕУ и Турција, ја следиме состојбата и во соседните држави, но исто така нашите служби информираат за настаните на боиштата од каде доаѓа најголем дел од илегалната миграција. Може да се каже дека досега превениравме и презедовме се што е наша улога, како држава покажавме дека го чуваме коридорот кој беше еден од најфрекфентните на илегалната миграција за мигрантите да стигнат до европските земји и благодарни сме на меѓународните полициски сили што се присутни на граничниот премин „Меџитлија”. Очекуваме дека може да се случи, а за тоа има најави и сознанија, дека е можен втор миграциски бран и во таа функција е и оваа посета, да ги превенираме и видиме нашите капацитети за да можат сите субјекти на кризниот менаџмент да преземаат мерки кои се предвидени во услови на кризна состојба, „изјави претседателот Иванов.
На новинарско прашање за коментар на претстојните парламентарни избори и текот на изборната кампања, македонскиот претседател подвлече дека е неопходно одговорно однесување од сите вклучени во изборниот процес, бидејќи граѓаните на Република Македонија заслужуваат достоинствени избори.
„Граѓаните на Република Македонија заслужуваат достоинствени избори како што доликува на земја која 25 години е во демократија и спроведувала неколку изборни циклуси. Очекувам сите во натамошниот период од кампањата да се однесуваат достоинствено и како што налагаат нашиот Устав и нашите закони. Тие што излегуваат од овие рамки, не е лошо да го препрочитаат Уставот и да ги видат сите одредби што се однесуваат на државното уредување и да го имаат предвид државниот интерес“, порача македонскиот претседател.
Претседателот Иванов истакна дека сите кои ќе се обидат да го нарушат изборниот процес, треба да бидат санкционирани.
„За сите оние што се обидуваат било што да попречат во изборниот процес, надлежните институции не треба да имаат никаква милост, ниту толеранција. Посакувам сево ова да заврши и конечно, Македонија да го преброди овој тежок период низ кој поминува веќе две години и граѓаните да почувствуваат стабилност и просперитет“, изјави претседателот Иванов.
Спроведувањето фер и демократски избори е неопходно, додаде претседателот Иванов, за Европската Унија да преземе поинаков пристап кон Република Македонија и да го сврти вниманието кон македонските евроинтеграции. – Македонија го заслужува тоа, и со осумте извештаи сме покажале дека ги исполнуваме условите да добиеме датум за почеток на преговори, изјави македонскиот претседател.