Запленети девизи, режан тутун, делови за возови, лед светла домофони и друго

Во текот на минатата недела, царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани готови пари, режан тутун, делови за товарни возила и возови, делови за машини, домофони, лед светилки и регистарски таблички.

Задржана е следната стока:

Девизи

– 24.950 евра и 458.000 чешки круни (околу 16.900 евра), откриени при контрола на чешки автомобил, со кој за излез од државата, на граничниот премин Богородица, се пријавиле еден чешки државјанин и една државјанка на Словачка. Во чанта за документи, сопственост на возачот, била пронајдена црна платнена торбичка со 44.950 евра и 458.000 чешки круни, за кои патниците не поседувале документ за потекло или потврда за пријавени готови пари при влез во државата. Согласно законските прописи на двајцата патници им биле вратени по 10.000 евра, износ што нерезидент може слободно да го изнесе од државата, а против возачот е поднесено барање за поведување на прекршочна постапка.

– 3.800 лева (противвредност на околу 1.950 евра), откриени при личен претрес на македонски државјанин, кој патувајќи со бугарски автобус, што сообраќал на релација Струмица – Софија, се пријавил за излез од државата на граничниот премин Ново Село. Во рачна чанта на патникот биле пронајдени 6.600 левови ( противвредност на 3.380 евра) и 600 евра, од кои согласно законските прописи му биле вратени 2.800 левови и 600 евра, што е противвредност на 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата. Против патникот е поднесено барање за поведување на прекршочна постапка.

Тутун

– 31 килограми режан тутун, откриени при контрола на празен српски камион, управуван од српски државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавениот тутун, пронајден во најлонски кеси, сместени на помошниот кревет и во фабрички прегради позади седиштата во кабината на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.

Делови за камиони и возови и регистарски таблички

– 43 делови за возови (покажувачи и регулатори на притисок, камери, рамо, држачи за лагер, тастери, склопки и друго), откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на патниот куфер на кинески државјанин, кој допатувал со лет од Истанбул. Непријавените производи се привремено задржани, а против патникот е поведена прекршочна постапка.
– 4 филтри за воздух за товарни возила, откриени при контрола на бугарски камион, натоварен со стока наменета за увозник од Скопје, пријавена за увозно царинење во царинската испостава Куманово. Царинските службеници извршиле детален преглед на пријавената стока, како и кабината на возилото, каде биле пронајдени непријавените филтри. Истите се привремено задржани, а против возачот, македонски државјанин ќе биде поведена прекршочна постапка.

– комплет германски регистарски таблички и сообраќајна дозвола, откриени при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Табановце автопат.

Табличките и сообраќајната дозвола припаѓале на патничко возило, марка JAGUAR, кое патникот го пуштил во слободен промет без претходно да го стави во пропишана царинска постапка и без да бидат платени увозни давачки. Истите се привремено задржани а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

Домофони, лед светилки и делови од индустриски машини

– 200 делови за лед светла (трансформатори, лед ленти и лед светилки), откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на патниот куфер на македонски државјанин, кој допатувал со лет од Истанбул. Непријавените производи се привремено задржани, а против патникот е поведена прекршочна постапка.

– 30 домофони и 2 контролни табли за домофони, марка URMET, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен а влез во државата на граничниот премин Ќафасан.Непријавените производи, пронајдени во багажникот и под предните седишта на возилото, се привремено задржани а против возачот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

– 1 употребуван варијатор и 1 употребуван електромотор откриени при контрола на македонски автомобил, управуван од македнски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените производи, пронајдени во багажникот и позади совозачкото седиште, покриени со јакни, се привремено задржани, а против возачот е поведена соодветна постапка.