Честитка од Иванов по повод изборот на нов Претседател на Република Австрија

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка до избраниот Претседател на Република Австрија, г. Александер Ван дер Белен, по повод неговата победа на Претседателските избори

„Ваша Екселенцијо,

Ми претставува особена чест и задоволство, во името на граѓаните на Република Македонија и во мое лично име, да Ви упатам најсрдечни честитки по повод Вашиот избор за Претседател на Република Австрија, како и да Ви посакам многу успех во извршувањето на оваа одговорна функција.

Дозволете ми, во оваа пригода да искажам особено задоволство од достигнатото ниво и континуираниот позитивен тренд во односите и соработката меѓу Република Македонија и Република Австрија. Исто така сакам да ја изразам целосната подготвеност да ја продолжиме соработката што ја имавме со Вашиот ценет претходник. На тој начин ќе дадеме придонес за натамошно унапредување на односите во сите сфери од заемен интерес, како на билатерален, така и на мултилатерален план.

Вашиот избор на оваа функција е исклучително значаен. Тој се случува во период на бројни сериозни предизвици со кои се соочува Европа, а единството, довербата и неопходноста од повеќе соработка во рамките на Европската унија се пред големи искушенија. Вашиот избор значи и враќање на оптимизмот во регионот на Југоисточна Европа, регион без чија интеграција, Европското обединување нема да биде целосно, и тоа Австрија добро го знае и правилно го разбира. Длабоко сум убеден дека за време на Вашиот мандат Австрија, која има силни традиционални врски со Балканот, како докажан пријател на Република Македонија, ќе продолжи да ги поддржува и ќе ги забрза нашите заложби за интегрирање во Европската Унија.

Со искрени желби за добро здравје, натамошна успешна работа и лична среќа, Ви ги упатувам Ваша Екселенцијо, изразите на моето највисоко почитување.“– стои во честитката.