Со низа свечености ќе се одбележи Денот на заштитникот на Охрид, Свети Климент Охридски.
Чествувањето започнува утре во 12 часот, во изложбениот салон на Центарот за култура, со промоција на 80 получасовни документарни емисии за минатото на Охрид „Охрид во моите спомени“ од Илче Стојаноски. Во 18:30 часот, во галеријата на Центарот за култура ќе се одржи традиционалната изложба на Фото клуб „Охрид“, во 19:00 часот ќе биде отворена изложбата на роднокрајни ликовни уметници, а во 19:30 часот ќе започне свечената академија.
Во четврток, 8-ми декември, ќе се изврши поклонение пред моштите на Свети Климент во црквата на Плаошник. Во 10:30 часот ќе биде положено свежо цвеќе на споменикот Св. Климент Охридски“ во ОУ „Св. Климент Охридски“.
Во 11:00 часот, во комплексот на црквата Св. Богородица Перивлепта, ќе биде откриена плоча посветена на Михајло Пупин, спомен плоча посветена на старото дрво кочеџик, а ќе се одржи и изложба на стари фотографии од комплексот на Перивлепта и градот Охрид во периодот од 1920 до 1930 година.
Во 12:30 часот ќе се положи свежо цвеќе на споменикот на Св. Климент Охридски на градскиот плоштад. Активностите завршуваат во 19:00 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“, каде ќе се одржи свечената приредба по повод патрониот празник на основното учлиште „Св.Климент Охридски“.
WebOhrid