Заклучно со денешниот ден завршуваат натпреварите на државно ниво во рамки на проектот “Лидер“, преку кој, веќе трета учебна година по ред се избираат ученици – лидери на струките во кои се образуваат.
Оваа учебна 2016/2017 година, учениците се натпреваруваат во 8 струки и тоа: економско – правна и трговска струка, електротехничка, машинска, сообраќајна, здравствена, земјоделско – ветеринарна, хемиско-технолошка и угостителско – туристичка струка.
Учениците кои ќе победат на натпреварите добиваат признание и еднократна парична награда во висина од 50% од просечната плата во Република Македонија.
Инаку, проектот “Лидер“ го имплементира Министерството за образование и наука во соработка со Центарот за стручно образование и обука, средните стручни училишта и наставниците, а со поддршка и на професори од високо образовните установи во државата и претставници на бизнис заедницата. Проектот е дел од пошироката стратегија за подигнување на атрактивноста на средните стручни училишта и зголемување на интересот кај младите за избор на стручното образование, за кое побарувачката на пазарот на трудот континуирано се зголемува.