Работна средба со амбасадорите на земјите членки на Европската Унија

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска одржа работна средба со амбасадорите на земјите членки на Европската Унија во Република Македонија.

На средбата беа разменети мислења за аспирациите на Република Македонија за членство во Европската унија, актуелните состојби во поширокиот регион, особено во контекст на мигрантската и бегалска криза.

На средбата претседателот Иванов побара промена на досегашниот пристап на Европската унија кон интеграцијата на Република Македонија, кој се покажа како непродуктивен. Досегашниот пристап, оцени македонскиот претседател, не помогна да се изгради повисока политичка култура и култура на компромиси и политички дијалог, како и почитување на институциите. Само со деблокада на македонските евроинтеграции, според претседателот Иванов, земјата ќе излезе од маѓепсаниот круг на политички кризи и недоверба.

Македонскиот претседател изрази очекување, веднаш по предвремените парламентарни избори, Европската унија и земјите-членки на конкретен начин да помогнат европската агенда и реализацијата на неопходните реформски процеси да станат приоритет и да помогнат во неопходноста за национално помирување.

Европските амбасадори ги поздравија повиците на претседателот Иванов за национално помирување и се согласија дека помирувањето е најургентниот од сите ургентни реформи во Република Македонија. Исто така беа поздравени напорите што претседателот Иванов ги прави во однос на добрососедските односи. Особено беше поздравен ангажманот на претседателот Иванов во однос на справувањето со мигратската и бегалска криза и безбедносниот аспект од неа.

На средбата беа разменети мислења за заканата од илегална миграција и за заканата од насилен екстремизам. Претседателот Иванов оцени дека земјата има проактивен и превентивен пристап во менаџирањето на мигрантската криза и посочи дека и покрај внатрешната политичка криза, Македонија покажа дека има стабилни институции, кои успешно се справија со мигрантската криза и намалување на безбедносните ризици.

На работната средба беа разменети мислења и за состојбите во поширокиот реон, како и за односите на Република Македонија со соседните земји.