ДИК до сега отфрли два приговори на СДСМ за неправилности при гласање

Државната изборна комисија ги отфрли приговорите на СДСМ за избирачките места 2.010 и 2.025 кои се во шестата изборна единица во општина Теарце.

Приговорите за овие избирачки места се однесуваат на преправани записници како и несовпаѓање на бројките на гласачите со распределбата на гласовите.

Членот на ДИК од СДСМ, Игор Милев истакна дека записникот во избирачкото место 2.025 е невалиден.

„Барам да ги изброиме гласачките ливчиња на ова избирачко место, односно да го ставиме на увид изборниот материјал. На ова избирачко место како и во претходното 2.010 станува збор за преправани записници со потпис и печат на претседател на избирачки одбор. Потребно е само да се констатира увид во изборниот материјал, бидејќи ќе остави дамка во изборниот процес“ – истакна Милев.

Додека трае седницата, пред зградата на ДИК има насобрано граѓани кои извикуваат „Македонија“, „лопови“, се слушаат сирени, а има и присуство на полиција.

СДСМ до ДИК достави осум приговори за текот на гласањето и за постапката на утврдување и на сумирање на гласовите од предвремените парламентарни избори кои се одржаа на 11 декември.

Извор: meta.mk