Државната изборна комисија вечерва расправаше и по осмиот приговор Беса, во кое се тврди дека во општина Гостивар на избирачкото место 0396/1 во името на Фатиме Сулејмани гласал некој друг.
Пред членовите на Државната изборна комисија сведочеа членовите на Општинска изборна комисија (ОИК) во Гостивар од избирачко место 0396/1, но и самата Сулејмани.
Според исказите на членовите на ОИК Гостивар, кога жената дошла да гласа, било утврдено дека на нејзиното место во избирачкиот список веќе имало потпис.
За да утврдат дали нејзиниот потпис се совпаѓа со тој во избирачкиот список и во нејзината лична карта, на жената и било кажано да се потпише на бел лист хартија.
Претседателот на ОИК Гостивар, изјави дека тој потпис се совпаѓал со потписот во избирачкиот список и затоа жената била вратена од гласање, за да не гласа по вторпат.
Сулејмани пак, пред членовите на Државната изборна комисија кратко изјави дека кога дошла да гласа, била вратена.
Членката на ДИК од СДСМ, Виолета Дума вели дека во овој случај не се работи за потпис бидејќи жената се потпишувала како Фатиме, а при споредување на потписите, буквите не се совпаѓале.
Затоа според Дума, но и според членот на ДИК, Бедредин Ибраими треба потписите да се дадат на вештачење на графолог во МВР.
Претседателот на ДИК, Александар Чичаковски смета дека во овој случај има две контрадикторни изјави од ОИК и на Сулејмани и затоа и тој предложи графолошко вештачење на потписот.
За да се даде потписот на вештачење гласаа шестмина од членовите на ДИК, а тројца беа против.
Членката на ДИК од ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева беше против графолошко туку се залагаше за полиграфско вештачење.
Претходно, ДИК ги одби сите седум приговори на Беса.
Извор: meta.mk