Реализиран циклус работилници дел од тематската целина „Сексуалност“

Младински Совет Охрид како дел  од  програмата  за здравство и превенција во периодот октомври – ноември  реализираше 12 работилници во основните училишта во Охрид, Лескоец, Велгошти и Пештани. Во работилниците беа вклучени вкупно 274 ученици од седмо одделение, а истите беа реализирани на тема ПУБЕРТЕТ, која е  дел од тематската целина за „Сексуалност“.  

Цел на овие работилници е развивање свест за сексуално здравје како дел од човечкиот развој. Преку зададена индивидуална активност – „водена фантазија“ во која на учениците им беше дадена задача да претстават пред себе огледало во кое се набљудуваат себеси, давајќи одговори на прашањата: каков е нивниот телесен изглед, како се чувствуваат во врска со тоа, дали има промени од минатата година до сега, што би сакале да променат кај себе и што треба да прават за да го зачуваат своето здравје, учениците имаа можност да ги регистрираат промените кои се случуваат во нивното тело со почетокот на пубертетот и преку тие промени да станат свесни за своето постоење и за она што е дел од самата природа. 

Преку овие интерактивни работилници, учениците учат за сите телесни, психички и социјални промени во половото созревање, постоењето на различни полови ориентации, односите со другите, како и начините за справување и прифаќање со овие промени, пред се промени кои се нормални, а не срамни и за кои од  особено значење е поддршката од врсниците и возрасните во кои се има доверба за разговор и за размена на искуства и информации, важни во овој период што би им го олеснило нивниот развој.

Интерактивните работилници беа реализирани од страна на психологот во Младински Совет Охрид, Јасмина Јовческа.