Одржани обуки за заштита на правата од интелектуална сопственост

Во периодот од 13 до 15 декември 2016 година, во Скопје, Битола и Гевгелија, Царинската управа во соработка со компанијата Магис магис од Хрватска, организираше обуки за заштита на правата од интелектуална сопственост за трговската марка UGG.

На обуките покрај педесетина царински службеници учествуваа и претставници од институции вклучени во заштитата на правата од интелектуалната сопственост и тоа: Државен пазарен инспекторат, Биро за јавна безбедност, Министерство за внатрешни работи, Државен завод за индустриска сопственост, АД Македонска пошта и дел од брзите пошти. Целта на обуката беше учесниците да се обучат како да ги препознаат и да ги користат безбедносните карактеристики на оригиналните UGG производи и како да идентификуваат UGG фалсификати. Со цел спречување на внес на фалсификати, на обуката беа презентирани и начините на увоз и извоз на оригиналните производи.

Царинската управа на Република Македонија, земајќи активно учество во реализацијата на овој настан, уште еднаш ја потврди својата посветеност и стратешка определба во борбата против криминалот на сите полиња, вклучително и во борбата против фалсификување и пиратерија.