Како што се разгоруваше политичката криза во Македонија, така се намалуваше интересот за посета на земјата, особено од странски туристи, забележуваат угостителите.
На крајот на годината, во Охридско-струшкиот Регион има пад на бројот на ноќевања за 10 проценти.
Првиот менаџер на хотелите „Дрим“ и „Београд“, Крсте Блажески, кој воедно е и претседател на Здружението на хотелиери во Македонија (ХОТАМ), смета дека политичката нестабилност и неформирањето влада ќе имаат особено негативно влијание врз туризмот.
Блажески објаснува дека и минатава година, со политичката криза и со бегалската рута низ Македонија, намален е бројот на странски гости, а имало и откажување аранжмани.
Хотелиерите се надеваат дека падот ќе го ублажат со новогодишните празници.
Сместувачките капацитети во Охрид и во Струга се речиси распродадени за најдолгата ноќ и угостителите се надеваат дека нема да дојде до откажување аранжмани во последен момент.
Традиционално, покрај од земјата, најголемиот број од очекуваните туристи во Охрид и во Струга се од соседните земји, пред сè, Бугарија, Србија и Црна Гора. Најавени се новогодишни славеници и од Велика Британија, Полска, Израел и од други земји.
Хотелиерите се задоволни што Бугарите, кои еден подолг период стагнираа, повторно доаѓаат, што не е случај и со Србите. Колку за илустрација, хотелот „Силекс“ е целосно закупен од гости од Бугарија.
Гости очекуваат и лицата кои издаваат станови во Охрид.
Извор: meta.mk