Успех на основци од „Христо Узунов“ на натпреварот за добивање на стипендии во „Јахја Кемал“

Вчера во колеџот „Јахја Кемал“ во Струга, дванаесетти пат по ред беше организиран натпревар за добивање на стипендии. На натпреварот по англиски јазик учествуваа 218 деветтоодделенци од Струга, Охрид, Дебрца, Другово, Дебар, Центар Жупа, Ресен, Кичево, Пласница и Демир Хисар.

Групата ученици од ОУ „Христо Узунов“ од Охрид, под менторство на наставничката Елена Ничевски, покажаа извондредни резултати. Учениците Софија Тренеска, Ивана Цветкоска, Мартина Колчак, Иван Наумовски и Сара Настеска се стекнаа со право за директен упис на колеџот, без полагање на приемен испит. Особен успех покажа ученикот Јован Лазаревски кој го освои првото место на натпреварот. Покрај правото за упис без полагање на приемен испит доби четиригодишна стипендија (попуст од 90%) како и дополнителна парична награда од 6000 ден.

На најдобрите 25 ученици според ранг листата и нивните ментори им беа доделени сертификати и награди од страна на директорот на училиштето Мустафа Турал. Бидејќи натпреварот се состоеше од два дела, во текот на денот учениците уживаа во разновидни активности кои вклучуваа посета на лабаратории, презентација на експерименти, спортски активности и проекција на филм.