Основниот суд во Охрид попладнево му изрече затворска казна од 16 години на српскиот државјанин Бојан Угреновиќ (29) од Краљево, кој лани, на новогодишната ноќ, до смрт го претепа охриѓанецот Димитар Матилоски, во строгиот центар на Охрид.
Судскиот процес почна на 15 декември годинава, а Угреновиќ одговараше за убиство и покрај тоа што семејството и охриѓани преку мирен протест бараа промена на обвинителниот акт во убиство на свиреп и подмолен начин.
Според јавниот обвинител, фатален бил ударот во долната усна, односно во средишниот дел од брадата на Димитар.
„Судско-медицинското вештачење кое беше направено во Битола, имаше многу нелогичности, многу докази воопшто не беа третирани и затоа ние како семејство направивме приватни судско-медицински вештачења“ – изјавија од семејството на убиениот.
Извор: meta.mk