Управниот суд ја уважи тужбата на ВМРО-ДПМНЕ и ја поништи одлуката на ДИК за Гостивар

Управниот суд едногласно со пет гласа „за“ ја уважи тужбата на ВМРО-ДПМНЕ и го отфрли како неуреден приговорот на партијата Беса за гласањето на избирачкото место 0396/1, во Гостивар, кој претходно Државната изборна комисија го прифати и го поништи гласањето на ова гласачко место. Станува збор за приговорот на Беса, според кој на местото на гостиварката Фатиме Сулејмани се потпишало друго лице, поради што не и било дозволено да гласа, односно дека некој го злоупотребил нејзиниот потпис.

„Тужбата на тужителот Коалиција за предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Македонија 2016 година, предводена од ВМРО – ДПМНЕ, се уважува. Решението на Државната Изборна Комисија УП 1 10-487 од 16.12.2016 година се преиначува и се одлучува: Приговорот УП 1 10-487 од 13.12.2016 година, поднесен од подносителот на листа на кандидати – политичка партија Движење Беса, за постапката на гласање во гласачкото место број 0396/1, општина Гостивар, Изборна единица број 6, согласно чл.147 став 3 алинеа 2 од Изборниот законик, се отфрла како неуреден“, стои во судската одлука, донесена од судиите Есма Алибашиќ Јонуз (претседател на советот), Розалиа Кочковска, Ана Герасимовска, Тања Терзиева и Ељмедине Асани (членови на советот).

Советот на Управниот суд, кој одлучувал по тужбата на ВМРО-ДПМНЕ. утврдил дека во приговорот на Беса немало потпис од овластениот претставник на партијата, Блерим Сејди, што е спротивно на Изборниот законик.

Управниот суд ја одби четвртата тужба на Коалицијата предводена од СДСМ, а која се однесуваше за начинот на сумирање на гласовите во гласачкото место 2010 во општина Теарце. Во тужбата се наведува дека при пребројувањето на гласовите недостасува еден глас.

Судот претходно ги отфрли и двете тужби на СДСМ кои се однесуваа за гласачки места во Теарце и во Тетово, а ја прифати како основана тужбата на СДСМ и го поништи гласањето на гласачкото место број 2.011 во општина Теарце, во шестата изборна единица.

Одлуките на Управниот суд се конечни и по нив не е дозволена жалба.

Извор: meta.mk