Претседателот Иванов го честита Денот на наставата на турски јазик

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод одбележувањето на Денот на наставата на турски јазик – 21 декември, денеска прими претставници од Здружението на дипломирани македонски студенти во Република Турција, претставници од Сојузот на турски невладини организации – МАТУСИТЕБ, како и претставници од наставниот кадар по турски јазик во Република Македонија.

На средбата, претседателот Иванов го честита Денот на наставата на турски јазик и истакна дека Република Македонија во континуитет придонесува за афирмирање на културата и традицијата на турската заедница.

„Можноста за учење и творење на својот мајчин јазик е една од вредностите која придонесува за развојот на културниот плурализам во земјава. Употребата и образувањето на мајчиниот јазик за нашите сограѓани од турската заедница значи негување на културните и верски традиции, но и јакнење на националниот и културен идентитет”, посочи претседателот Иванов.

Македонскиот претседател истакна дека Република Турција е стабилен поддржувач и пријател на Република Македонија, најнапред со признавањето на независноста, а подоцна и со активната поддршка на нашите стратегиски цели.

„Оваа 2016-та година, не само Македонија, туку и Турција се соочува со сериозни предизвици, и на домашен и на глобален план. И затоа треба меѓусебно да се поддржуваме, бидејќи заедно сме посилни”, посочи претседателот Иванов додавајќи дека турската заедница во Македонија и македонската заедница во Турција имаат многу важна улога во односите меѓу двете пријателски држави.

Од Здружението на дипломирани македонски студенти во Република Турција се заблагодарија за поддршката од претседателот Иванов и за неговиот личен придонес за унапредување на турската култура и пријателските односи меѓу двете земји.

„Како што Македонија никогаш нема да ја заборави поддршката и солидарноста што Република Турција ја покажа кон нас, така и Турција, но и ние кои студиравме во Турција нема да го забораваме вашиот личен придонес за продлабочувањето на односите помеѓу двете држави и нивните институции”, истакна Фуркан Чако, член на управниот одбор на Здружението на дипломирани македонски студенти во Република Турција.

Во честитката упатена по повод Денот на наставата на турски јазик, претседателот Иванов истакна дека нашите сонародници од турската заедница се пример за лојални граѓани, кои се залагаат за развој на Република Македонија на секое поле.

Денот на наставата на турски јазик во Република Македонија се одбележува од 2007 година, а наредната година ќе се одбележат и педесет години од емитувањето на радио и телевизиска програма на турски јазик.

nastava_turski_jazik_1