Врачена државната награда за новинарство и публицистика за 2016 година

Во Собранието на Република Македонија денеска беше врачена државната награда „Мито Хаџивасилев-Јасмин“ за 2016 година на годинашните лауреати Аљуш Камбери – за публицистика и Тони Димков – за новинарство.

Тони Димков има 25-годишна новинарска кариера остварена во повеќе печатени, дневни и периодични списанија и електронски медиуми. Професионалното искуство го изградил работејќи во Македонската телевизија од 1995 до 2004 година. Во две и полдецениската работа има подготвено повеќе од 500 ТВ-прилози, педесетина ТВ-емисии и стотици интервјуа и текстови од областа на културата и уметноста. Неговиот долгогодишен новинарски опус резултираше со трудот „Зборот остава траги“ во кој се собрани интервјуа на значајни личности од културата.

Пензионираниот новинар Аљуш Камбери сиот работен век, повеќе од 45 години, го поминал во Македонската телевизија, во документарната програма на албански и на македонски јазик. Во неговото богато телевизиско творештво има над 400 документарни единици. Автор е на филм од првото доаѓање на Мајка Тереза во Македонија. За нобеловката и хуманистка направил уште три документарци, како и играниот филм „Кога Мајка Тереза беше Гонџе“. Неколку документарни филмови на Камбери се и наградени.

Камбери се заблагодари од името на двајцата добитници истакнувајќи дека наградата „Мито Хаџивасилев-Јасмин“ е чин на признавање на нивниот долгогодишен вложен труд и вреднување на новинарските и публицистичките достигнувања во Македонија.

„Љубовта кон оваа професија постојано ни даваше мотивација цел живот да бидеме во потрага по настанот, по темата, по идејата, во потрага по човекот и неговата судбина. Чудесно е чувството кога ќе се вљубиш во својата професија и кога целиот живот ќе бидеш преокупиран со новинарската мисла и доблест… Денешното признание го сметаме и како чин на поттикнување уште повеќе да ја возвишиме нашата љубов кон новинарската професија. Вистинскиот новинар знае да ги надмине сите предизвици, а со тоа новинарскиот збор и новинарската мисла да остави белег на едно време и простор“ – истакна Камбери.

Лилјана Грџо Дамовска, претставник на Одборот за доделување на наградата за 2016-та, рече дека таа им се врачува на двајца исклучителни професионалци, новинари кои аргументирано можат да бидат и синоним на новинарството какво што тоа е по дефиниција.

„Во ова време кога работите во многу сфери, па и во новинарството, се излезени од дефиницијата и како да се сака да се каже дека новинарството не било во криза туку дека ова е само некаков процес на негово редефинирање, ќе потсетам на нешто на што не обврзува овој 21 декември, наградата „Мито Хаџивасилев-Јасмин“, а тоа е професионалност и одговорност “– истакна Дамовска.