Успешен настап на Антониа Гиговска на меѓународен фестивал во Каунас, Литванија

Во периодот од 24 до 29 ноември, со поддршка од Министерството за култура, младата 15-годишна Антониа Гиговска учествуваше на 16-от меѓународен фестивал „Каунас талент“ (Kaunas talent) во Каунас, Литванија. Во конкуренција од 70 учесници од 18 држави од светот на возраст од 12 до 32 година, Антониа го освои првото место во натпреварот за поп-музика.

Таа беше една од трите номинирани натпреварувачи за наградата Гран при. На гала-вечерта што беше организирана во арената „Жалгирис“ од 24-членото жири ја доби наградата Гран при на фестивалот.

Учеството на овој фестивал и обезбеди покани за учество на голем број меѓународни фестивали и натпревари во Израел, Малта, Молдавија, Унгарија, Полска, Србија и Украина.

Антониа е ученичка во II година во Гимназијата „Јосип Броз-Тито“ во Скопје. Досега има учествувано на многу фестивали во светот и има освоено 3 први награди на фестивали во Македонија и во Летонија, 5 Гран при награди во БиХ, Македонија, Руската Федерација и Литванија.

На регионалниот натпревар „Пинк ѕвездички“ во Белград, од 6000 пријавени учесници, Антониа влезе во суперфиналето меѓу првите 10 најдобри учесници и го освои 7-то место. Во 2016 година ја освои наградата за најдобар дебитант на „Макфест“.