Мендух Тачи си поднесе оставка од функцијата претседател на ДПА

Лидерот на Демократската партија на Албанците (ДПА), Мендух Тачи, доцна попладнево преку својот официјален фејсбук-профил соопшти дека си поднел неотповиклива оставка од функцијата претседател на партијата.

„Драги пријатели, само што ја напишав мојата неотповиклива оставка од функцијата претседател на партијата. Со ДПА до вонредниот конгрес колективно ќе раководи управниот совет, а дополнително ќе биде определен датумот кога тој (вонредниот конгрес, н.з.) ќе биде одржан. За координатор на сите активности е назначен генералниот секретар Азем Садику“, стои во објавата на Тачи.

Оставката на Тачи доаѓа речиси две недели по предвремените парламентарни избори, кои се одржаа на 11 декември, а на кои ДПА освои само два пратенички мандати.

Мендух Тачи на чело на партијата дојде кон средината на 2007 година, а функцијата претседател на ДПА ја презеде од покојниот Арбен Џафери, кој воедно беше и нејзин прв претседател.

Извор: meta.mk